ЖИТЕЛИ НА АМСТЕРДАМ СОБИРАААТ ПАРИ ЗА ОБНОВА НА ИЗГОРЕНАТА ЦРКВА Причините за пожарот се неразбирливи за градските власти

Холандските медиуми, повикувајќи се на изјави на локални жители, објавија дека во времето на избувнувањето на пожарот крај црквата имало огномет, алудирајќи на него како можна причини за инцидентот.

208

Жители на Амстердам иницираа кампањи за собирање средства за реставрација на амстердамската црква „Вондел“ што беше во голема мера уништена во пожар што избувна во текот на новогодишната ноќ, јавија денеска холандските медиуми.

Според досегашниот увид, во пожарот се урнале кулата и покривната конструкција на црквата, а сериозни оштетувања претрпеле и други делови на градбата, но нема опасност од уривање на ѕидовите.






На социјалните мрежи веќе се шират жиро сметки на кампањите „Срце за црквата Вондел“ и „Фондација црква Вондел 2026“, а се споделуваат и други линкови до веб-страници што собираат пари за реконструкција на црквата.

Експерти во изјави за холандските медиуми оценуваат дека технички е можно да се реставрира црквата, но дека тоа дефинитивно ќе биде скап потфат.

Пожарот избувна вчера околу еден часот по полноќ, а беше целосно изгаснат во претпладневните часови. Причините за пожарот сè уште официјално не се познати. Полицијата информира дека не сака да шпекулира за можните причини за пожарот додека истрагата не заврши целосно.

Градската управа на Амстердам, која е официјален сопственик на објектот од 1996 година, соопшти дека причините за пожарот во црквата се „неразбирливи“.

Холандските медиуми, повикувајќи се на изјави на локални жители, објавија дека во времето на избувнувањето на пожарот крај црквата имало огномет, алудирајќи на него како можна причини за инцидентот.

По избувнувањето на пожарот властите спроведоа евакуација на околу 90 семејства од околните објекти, на кои им беше дозволено да се вратат во своите домови синоќа некаде по 19 часот, откако надлежните служби го исчистија реонот од саѓи и пепел.

При пожарот немаше жртви.

Изградбата на црквата, дело на архитектот Пјер Кујперс, започнала во 1872 година и траела до 1880 година, кога била пуштена во употреба како католичка црква „Свето Срце Исусово“. Црквата била сериозно оштетена во пожар во 1904 година, но била возобновена според проект на синот на Пјер Кујперс, Јозеф.

Римокатоличката црква го користела објектот до 1977 година, кога таа е претворена во концертна сала, а дополнително дел од нејзините простории биле издадени под наем како канцеларии. Од 2017 објектот повторно се користи како храм на протестантската Слободна црква.

Слободната црква вчера се огласи со соопштение нагласувајќи дека е „длабоко натажена“ поради разорниот пожар во објектот, каде секоја недела редовно биле одржувани богослужби.

– Оваа зграда чува многу значајни спомени за нашата заедница, како и за градот Амстердам, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Слободната црква.

Нејзиниот пастор Ерик Фенис за холандските медиуми изјави дека иако црквата ја користела неговата верска заедница, таа сепак има историско значење и вредност и за католичките верници за кои таа претставувала важно место речиси еден век.

– Нејзината прекрасна монументална архитектура и локација ја направија црквата показател за богата историја на верата – додаде Фенис. 

Поврзани содржини