ЌЕ ПОСТИГНАМ 1.000 ГОЛОВИ АКО ОСТАНАМ ЗДРАВ Роналдо и на 40 години не се откажува од целта
Португалскиот фудбалски ас, кој моментално има 956 гола, е уверен дека ќе ја достигне историската бројка ако остане здрав.
Португалскиот напаѓач на Ал-Наср, Кристијано Роналдо, повторно ги воодушеви фановите со својата амбиција, истакнувајќи дека само повредите можат да го спречат да постигне 1.000 гола во својата кариера.
Четириесетгодишниот фудбалер моментално има 956 гола, а за „RMC Sport“ изјави дека секогаш се стреми кон нови предизвици, без разлика дали игра на Блискиот Исток или во Европа.
– Каде и да играм, секогаш сакам да освојувам трофеи и да ја достигнам таа бројка што сите ја знаете. Уверен сум дека ќе го постигнам тоа ако останам без повреди – рече Роналдо.
Роналдо неодамна беше прогласен за играч на годината на Блискиот Исток по трет пат по ред од страна на „Globe Soccer Awards“. Легендата е петкратен победник на Златната топка, петкратен освојувач на Лигата на шампионите и европски шампион.
Напаѓачот игра за Ал-Наср од 2023 година, а во својата импресивна кариера настапувал и за Спортинг, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус, оставајќи неизбришлив белег во светскиот фудбал.