СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ДОБИ В.Д. ДИРЕКТОРКА Катерина Костова ја презема функцијата, доаѓа од редот на вработените

По години на критики и загубен кандидатски статус во Европската асоцијација, Катерина Костова е назначена за в.д. директорка на Зоолошката градина, со надеж за стабилизација и реформи.

839

Катерина Костова е назначена за в.д. директорка на Зоолошката градина во Скопје, објави порталот „Скопје1“. Според информации на истиот портал, Костова е дел од установата повеќе од шест-седум години и последно била лице задолжено за пристап до информации од јавен карактер.

Претходно, во јавноста се шпекулираше дека за директор ќе биде назначен Стефан Ќирков, но изборот падна на Костова.






Зоолошката градина во изминатите години беше често мета на критики. Угинаа жирафата, слонот, ламата и мајмунот од расата патас, а во 2023 година установата го изгуби и кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА). Според неофицијални информации, причините за тоа биле прекинот на комуникацијата со ЕАЗА во изминативе две години, стагнацијата на установата, неизградениот аквариум и честото менување на директори.

Вработените за „Скопје1“ посочуваат дека Костова е со долгогодишно искуство во установата, што дава надеж дека новото раководство ќе донесе стабилност и ќе го рестартира процесот на реформи, за подобрување на условите за живот на животните и за враќање на довербата на јавноста.

Поврзани содржини