ИДЕЈАТА Е ГЛУПАВА, ВОДИ КОН ВОЈНА Орбан го кочи планот на ЕУ за префрлање руски пари на Украина

Унгарскиот премиер жестоко против планот за одземање руски пари и нивно давање на Украина.

607

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во Брисел отворено порача дека планот на Европската Унија за заем поврзан со репарации и замрзнати руски средства е завршена приказна. Според него, за таква идеја едноставно нема доволна поддршка меѓу земјите членки.

Пред почетокот на Самитот на ЕУ, Орбан без дипломатски ракавици го нарече предлогот „глупав“, предупредувајќи дека вакви потези не носат мир, туку ја туркаат Унијата кон директно вклучување во војната.






– Постојат две земји што се во војна – Русија и Украина. Тоа не е Европската Унија. А сега ЕУ сака да им ги земе парите на едните и да им ги даде на другите. Тоа е погрешно – изјави Орбан.

Тој застана и во одбрана на белгискиот премиер Барт де Вебер, кој исто така се спротивстави на ваквиот план, оценувајќи дека неговиот став е „целосно исправен“ и дека Унијата не смее да оди во таа насока.

Според Орбан, доколку овие средства ѝ се дадат на Украина, тоа ќе значи дополнителна ескалација и директен чекор кон војна, сценарио кое, како што вели, тој не сака да го види.

– Јас сакам мир. Само мир. Време е да направиме чекори кон мирот, а не кон војната – порача унгарскиот премиер.

Изјавите на Орбан доаѓаат во момент кога во ЕУ растат поделбите околу тоа како да се постапува со замрзнатите руски средства и колку далеку Унијата смее да оди во поддршката на Украина, без да влезе во директен конфликт.

Поврзани содржини