СООБРАЌАЕН ХАOС НА ГРАНИЦА Евзони блокиран, долгите колони се шират кон Табановце
Евзони целосно блокиран, на Табановце се чека до 40 минути, а АМСМ предупредува на опасност од одрони по повеќе делници низ земјата.
Сообраќајот на државните патишта денеска се одвива непречено по претежно суви коловози, а интензитетот на движење надвор од градските средини е умерен, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) во пладневниот извештај.
Од 11 часот, сообраќајот на Граничниот премин Евзони (Богородица) е целосно блокиран за влез и излез од државата. На ГП Ники (Меџитлија) блокада има само за товарни возила и автобуси, додека ГП Дојран функционира нормално, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања при влез во државата.
На ГП Дојран, за излез од Македонија се чека околу 30 минути, а на ГП Табановце времето на чекање за излез достигнува до 40 минути. На сите останати гранични премини нема подолги задржувања ниту за влез ниту за излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да се движат со приспособена брзина, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои зголемена опасност од одрони.
Посебно ризични се делниците:
Катланово – Велес,
Маврово – Дебар – Струга,
Виница – Берово,
Кочани – Делчево.