🎥 АДВОКАТКАТА НА ГАЗДА ДЕКО ЈА ПРЕФРЛИ ВИНАТА ВРЗ ИНСТИТУЦИИТЕ И ВРЗ ГРУПАТА ДНК Првообвинетиот изрази сочувство, родителите ја напуштија судницата
Според адвокатката Ивана Коцевска, Деко треба да биде обвинет за небрежност, а не за тешки дела против општата сигурност, затоа што немал свест дека не исполнувал одредени услови, бидејќи ниедна институција не му го посочила тоа.
Бранителката на Дејан Јованов Деко, првообвинет за пожарот во Кочани, адвокатката Ивана Коцевска ја префрли вината врз институциите и врз музичката група ДНК.
Според неа, Деко треба да биде обвинет за небрежност, а не за тешки дела против општата сигурност, затоа што немал свест дека не исполнувал одредени услови, бидејќи ниедна институција не му го посочила тоа.
По воведниот збор на адвокатката Коцевска, воведен збор даде и првообвинетиот Јованов, кој рече дека се согласува со нејзиниот воведен говор.
– До ден денес се чудам и не можам да поверувам што се случи таа вечер. Цели 9 месеци сум во 4 ѕида, секојдневно ја преживувам таа трагична ноќ. Не можам да поверувам што се случи. Јас како човек и родител, каде се собираа сите млади, и моите деца, немаше да дозволам нешто да недостасува во клубот. Зарем ако знаев дека нешто недостасува не би направил за да се обезбеди навреме? Во тој клуб пораснаа генерации и сите добро знаат како се грижев за безбедноста на сите гости во клубот. Со срце и со душа сакам да изразам сочувство на сите починати, а на повредените опоравување. Ја знам нивната болка и тага, затоа што во нашата фамилија имаме и починат и повреден член. Ја носиме истата болка како и вие што ја носите. Не ми е јасно зошто Михајло (синот на Јованов, н.з.) е обвинет. Тој немаше никакви допирни точки со клубот. Тој има фирма за дистрибуција и беше нормален гостин во клубот како сите. Благодарам на можноста да се искажам – рече Јованов плачејќи.
Родителите бурно реагираа на неговото излагање, се вознемирија и ја напуштија судницата.