📷 КЕЈОТ НА ВАРДАР ЌЕ БЛЕСНЕ ВО НОВ ЛИК Ѓорѓиевски најави секојдневно чистење, ќе нема повеќе ѓубре
Континуирано темелно чистење и одржување на кејот на Вардар ќе стане секојдневна практика за сите граѓани и гости на Скопје.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави интензивно чистење на кејот на реката Вардар, со цел подобрување на хигиената и уредувањето на јавните површини.
Екипите на јавните претпријатија веќе темелно ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки, како и коритото на реката, отстранувајќи го сето она што со години создаваше занемарена и недолична слика за градот.
– Кејот ќе се чисти секојдневно, бидејќи скопјани и сите гости на нашиот град заслужуваат убава, уредена и чиста метропола. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува – изјави Ѓорѓиевски.
Чистењето ќе се спроведува континуирано, а градските власти најавуваат дека ова ќе стане трајна пракса за одржување на кејот во иднина.