ШТИПСКИ БИЗНИСМЕН КРАДЕЛ СТРУЈА И ТОА ОД СИТЕ 3 ФАЗИ Електродистрибуција го „заземји“ со кривична
Сомневање за кражба на струја во куќа на штипски бизнисмен, направена штета од речиси 6.000 евра.
Тимот за откривање кражби на струја при Електродистрибуција открил сомневање за неовластено користење електрична енергија во станбена куќа во сопственост на бизнисмен од Штип. Инспекцискиот тим утврдил дека во објект на улицата Борко Талев биле манипулирани сите три фази на електричното броило.
– Нашиот тим констатираше противправно користење на електрична енергија и манипулација со броилото. Составен е записник за неовластено користење – велат од Електродистрибуција.
Од компанијата информираат дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, согласно член 235-а од Кривичниот законик.
– Поднесена е и Пријава за неовластено преземање електрична енергија, а изготвена е и фактура за штета во износ од 364.658 денари – додаваат од Електродистрибуција.
Полицијата за Плусинфо потврди дека на 29.10.2025, по претходна пријава за кражба на електрична енергија, службениците од СВР Штип утврдиле дека С.А. (60) од Штип извршил премостување на електричен кабел пред електричното броило на ул. Борко Талев бр.6. Со ова, потрошената електрична енергија не се евидентирала. Од МВР информираат дека се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот.