Ослободување на Скопје

Сѐ уште го чекаме вистинското ослободување на Скопје по 1992 година, она Скопје кое требаше да биде „нова“ престолнина на „нова“ држава, самостојна, независна, суверена! Ќе го дочекаме ли?

79

Реченицата од насловот денес е многузначна и може да асоцира на повеќе нешта. На пример, на култната театарска претстава од 1978 година, по текст на Душан Јовановиќ и режија на Љубиша Ристиќ, според многумина ремек дело „на штиците што живот значат“, што урна многу фетиши и лажни вредности во театарот во тоа време. Или на истоимениот македонски филм од 2016 година, сепак со не така блескави референци. Тие даваа една крваво-романтична слика на едно друго Скопје. Од друга страна, оваа реченица може да потсети и на актуелното ослободување на овој град од едно современо четиригодишно зло што беше налегнато врз него, ослободување од заложништвото на неспособни и неуки ликови влезени во некаков личен деструктивен филм. За среќа, имало крај, па можеби и нов почеток.

Сепак, се разбира, клучната асоцијација е она големо Ослободување од 13 ноември 1944 година, иако тоа денес сѐ повеќе се поттурнува на маргините, божем неважно, во медиумите се спомнува само со една-две реченици, божем застарено, а во политиката речиси воопшто, божем заборавено. А не е ни првото, ни второто, најмалку третото. Иако многумина, изгледа, би сакале да е така. Па дури и оние кои се колнат во нивното антифашистичко наследство и тапијата за државотворност. Резил.

Во такви контроверзи сегашно Скопје живурка некако заморено и безлично иако е главен град, се обидува да крене глава но секогаш има некој кој ќе го поттурне назад во калта. Како враќањето на оној Ќосето сосе камата и пиштолот веднаш до споменикот на Михајло Апостолски. Истиот Апостолски кому сега му носеа цвеќе на гробот спомнувајќи го како командант на партизанските единици што го ослободија она Скопје! А в година – повторно!

Но, ова не е текст за Скопје, или само за Скопје, иако овој град сепак е престолнина и некаков симбол на државата. Сакан или не, чуван или не, охрабруван или пустошен, пораснат а всушност смален… Скопје стана Македонија, но во негативна смисла на зборот. Или – Македонија стана како Скопје: хаотична, нечиста, некултурна, провинциска, кичерајска…! И секој гледа нешто да додаде во тој хаос, не да одземе, да суреди, да исчисти, да воздигне, да култивира…

Сѐ уште го чекаме вистинското ослободување на Скопје по 1992 година, она Скопје кое требаше да биде „нова“ престолнина на „нова“ држава, самостојна, независна, суверена! Ќе го дочекаме ли?

Зашто, некои  „наши“  добро  платени  примитивни  ликови и понатаму бескарјно ни раскажуваат недугави приказни  и  мечти  за  идеите  што  останале  да  висат  во  воздухот попразни,  нереализирани, преповторувани до здодевност. Но нека, поединците платени за тоа нека се тешат со фактот дека објективното, како што вели Мураками, многу ретко (ќе) може да го надмине субјективното, а реалноста да ја згасне фантазијата. Тоа е така во (полу)свет како нашиов. Или во симулакрум како нашиов!

Но ние од тоа немаме никаква полза. Нема дури ни светот на идеите. Имаат полза само личните жиро-сметки на една група политиканти кои црното ни го сликаат како бело, кои Малевич ни го вулгаризираат со нивото на нивните партиски молери. Меѓутоа, и тоа е разбирливо бидејќи спознавањето на вистината и реалноста ретко влијае благотворно на животот на луѓето. Тие, луѓето, сакаат да живеат во заблуди, да бидат лажени, некои да бидат и заборавени во светот на идеите без реално  покритие.

Се  пронаоѓаат  себеси  во  простачки  алегории  и  налудничави  метафори,  а завршуваат со/во решето (повторно Мураками). Вистината мора да се разбере онаква каква што е, или – ја нема. Ама кај нас сѐ уште има поединци, и групи, кои наоѓаат задоволство во лагата и симулакрумот, наместо во логиката и фактите. Затоа и се обидуваат на друг начин а не преку вистината да дојдат до разбирањето на нештата, што е исто како во решето да сакате да задржите вода.

Ама тие мислат дека баш нивното решето задржува вода, дека во политиката нема морал, дека само некакви интереси и моќ го движат светот, а правото и принципите се за во бајките. Тоа е денес нивната идеологија којашто аподиктично одобрува дури и геноцид како политичко средство базирано врз силата. Нив најмалку ги интересираат меродавните мислења на умни луѓе за светските процеси: на Чомски за војната во Украина, на Харари и Гиедон за геноцидот во Палестина, на Жижек и Варуфакис за гнилоста на европскиот дух… итн. Нашиве политикантски шутраци и милитантни поттикнувачи од редовите на клиентелистичките „професури“ и квазижурналистички инфлуенсер(к)и се спротивставуваат не само ним туку и на здравиот разум. Главно некој добро да плаќа. А во случајов – изгледа се плаќа одлично! Затоа ли сето ова ни се случува?!

Не мислам дека ние сме спуштени од Господа да делиме ум на Земјата. Дотолку повеќе што толку ум и немаме. Но дека мораме да се ујдисаме со светскиот – но и домашниот! – џган само заради некаков „интерес“, тоа веќе допира до границите на лудилото. Впрочем, умните луѓе велат дека борбите ги дефинираат луѓето. Но и ако зборуваш паметно со будала, тој ќе те нарече – будала (Еврипид). Па затоа и ни велат дека секогаш кога мислиме, и сакаме, да се кренеме од калта, всушност треба „шармантно да паднеш на колена“! Зашто тоа било дипломатија, тоа било меѓународно право.

А Скопје, оноа од 1941, па и онаа Југославија од 1941 година, би прашале: тоа ли требаше да го направиме тогаш? Да паднеме „шармантно“ на колена пред силата на Хитлер и неговиот слуга Борис? И каде ќе беше Скопје со таа „дипломатска“ логика? Други пак празноглави политиканти „мудруваат“ дека за некои актуелни криминогено-коруптивни структури „се отвара простор за капитализирање на минатиот труд, односно на оствареното“. Кој труд, и кое остварено? Или акцентот овде е на – капиталот? И да, за таквите има само еден простор што треба да се отвори! Не знам дали некој тоа ќе го стори.

Се разбира, ние вака можеме да тераме во недоглед, секој со својата „вистина“ и „реалност“, со своите морални или неморални траги во времето сегашно. Но токму тие и такви траги, „вистини“ и „реалности“ ја оформуваат сликата за државата/општеството коишто, полека но сигурно ја губат својата смисла. Уште помалку ваквите траги, „вистини“ и „реалности“ сведочат за некаква македонска демократија и мултиетничко општество, а повеќе за нашите лични и колективни фрустрации и патологии.

И тука одамна веќе не станува збор само за онаа познатата народна „секој со својата тежина“ (или глупост, како сакате). Овие патологии стануваат белег на едно неморално време, нешто од што веќе се срамиме – барем дел од нас – да не говориме за срамот што го оставаме за иднината, и историјата. Или за сликата што ја проектираме во светот.

Поврзани содржини