ПРЕМИЕРОТ СМЕТА ДЕКА ЛОКАЦИЈАТА КАЈ ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ Е НАЈДОБРА ЗА НОВ КЛИНИЧКИ Продолжува постапката за други инфраструктурни проекти од здравството
Мицкоски најави дека ќе продолжи постапката за изградба на Клиничката болница во Штип, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом, потоа за болницата во Кичево со проширена дејност и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека локацијата на ГОБ „8 Септември“ е најдобра за нов клинички центар. Тој денеска изјави дека по изборите се посветени на неколку други инфраструктурни проекти од здравството.
– Она коешто сега го работиме откако завршија изборите е да ја продолжиме најпрвин постапката за изградба на Клиничката болница во Штип, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом, потоа болницата во Кичево со проширена дејност и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово. Мислам дека тој процес откако ќе почне, тогаш може да се посветиме на овој за којшто зборуваме сега. Сепак, тој периметар, мислам дека е најсоодветен, бидејќи има пристап до гас и исклучително добра сообраќајна инфраструктура и мислам како целина може сериозно да се разгледува со лесна надградба да дојдеме до она коешто го посакуваме како држава и пациентите коишто ќе го добијат како квалитет. Не се откажуваме. Не е ова во консултација со експерти, ова е лично мој став – рече Мицкоски.
Во однос на финансиската конструкција, рече дека треба да се види колку ќе се интервенира во надградба, модернизација, број на кревети…
– Ајде да дојдеме до таа фаза, па ќе споделуваме повеќе информации со јавноста – рече Мицкоски.