„ВАШИОТ СИН ПРЕГАЗИ 8-ГОДИШНО ДЕТЕ“ 88-годишна битолчанка жртва на подмолна измама

Двајца измамници ѝ зеле пари на постара жена од Битола со измислена приказна дека нејзиниот син имал сообраќајна несреќа.

222

Полицијата во Битола расчисти измама во која 88-годишна битолчанка станала жртва на телефонска лага од типот „вашиот син направил сообраќајка“.
Настанот се случил на 25 август годинава, кога двајца измамници – 54-годишен прилепчанец и 31-годишен маж од Крушево – ѝ се јавиле на жената и ѝ се претставиле како службени лица. Со вознемирувачки тон ѝ кажале дека нејзиниот син наводно прегазил осумгодишно дете, дека тој и сопругата му се повредени, и дека може да го спасат од затвор само ако им даде пари „за да се среди случајот“.
Преплашената жена, верувајќи дека навистина ги спасува свите блиски, им предала на измамниците 72.500 денари. Двајцата потоа исчезнале.
Откако сфатила дека е измамена, жената го пријавила случајот во полиција. Во ефикасна акција на битолските и на скопските криминалисти, осомничените С.Г.(54) од Прилеп и С.И.(31) од Крушево биле пронајдени и уапсени. Против нив е поднесена кривична пријава за измама.

 

Поврзани содржини