📽️ РЕВОЛУЦИЈА ВО МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА Првите АИ вокали ги освојуваат слушателите
Музичките автори Ристо Катевеновски и Иле Спасев создадоа проект што ја спојува уметноста и технологијата, гласови што не постојат, но пеат како вистински изведувачи.
Македонија официјално влезе во новата музичка ера. Првите АИ вокали се веќе тука и ја менуваат перцепцијата за тоа што значи да се создава музика. Зад овој револуционерен проект стојат Ристо Катевеновски и Иле Спасев, двајца автори кои решија да ја обединат вештачката интелигенција со човечката креативност, создавајќи звук каков што македонската сцена досега не познавала.
– Првичната идеја за овој проект е на Иле. Феноменален музичар и продуцент. Му понудив да направи аранжман за неколку мои композиции, а тој ми понуди АИ-вокали. Прифатив и така започна сè. Заедничкиот проект трае пет месеци и мислам дека е револуционерен во македонската музичка продукција – изјави Ристо Катевеновски, автор на дел од композициите.
Проектот, кој веќе има неколку објавени песни на YouTube, комбинира современи поп ритмови, емотивни балади и електронски елементи, создавајќи препознатлив и автентичен звук.
– Технологијата напредува неверојатно брзо, а со неа и музичката АИ-технологија. Со Ристо решивме да дадеме шанса на ваквите АИ-пеачи и да видиме колку далеку може да се оди. По неколку месеци работа и илјадници проби, добивме резултат кој звучи изненадувачки реално. Слушателите сами ќе одлучат дали ќе препознаат разлика меѓу „вистински“ и „вештачки“ пеач, сè е достапно на нашиот јутуб канал „Martin & Martina“ – истакна Иле Спасев, еден од најпознатите македонски продуценти.
Авторите велат дека овој проект не е обид да се замени човекот со машина, туку начин да се отвори нов простор за експериментирање и инспирација. Песните се достапни за сите заинтересирани пејачи, професионалци, аматери или млади таленти, кои сакаат да соработуваат, да додадат свои вокали и да дадат нов живот на композициите.
– Целта е музиката да живее, да се споделува и да инспирира нови гласови и приказни – велат авторите, кои додаваат дека токму овој проект е доказ дека уметноста и технологијата можат да создадат хармонија, а не конкуренција.
Со оваа иновација, Македонија станува дел од глобалниот тренд на АИ музичка продукција, отворајќи ново поглавје во уметничкиот израз и покажувајќи дека иднината на музиката веќе пристигна.