ЗОШТО НАЈРАНЛИВИТЕ ВО ЗГРАДАТА ВО ТУЗЛА БИЛЕ СМЕСТЕНИ НАЈГОРЕ? Бројот на жртви порасна на 11, градоначалникот најави истрага
Јавноста во Босна и Херцеговина е гневна поради фактот дека на горните катови биле сместени лица со тешки дијагнози, неподвижни, зависни од туѓа помош, се вели во анализата. Хрватски Индекс, повикувајќи се Кликс.ба, тврди дека во Тузла со години било предупредувано дека зградата е небезбедна.
Бројот на загинати во пожарот во пензионерскиот дом во Тузла се зголеми на 11 лица, додека бројот на повредени на 35, известуваат хрватските медиуми. Индекс ја објави изјавата на градоначалникот на Тузла кој потврди дека меѓу загинатите кои биле сместени на седмиот кат на зградата биле и неподвижни лица и лица со деменција и со тешки болести.
Во сопствена анализа, Индекс го поставува прашањето зошто било дозволено овие лица да бидат сместени најдалеку од излезот на зградата? Индекс, повикувајќи се Кликс.ба, тврди дека во Тузла со години било предупредувано дека зградата е небезбедна.
Јавноста во Босна и Херцеговина е гневна поради фактот дека на горните катови биле сместени лица со тешки дијагнози, неподвижни, зависни од туѓа помош, се вели во анализата.
Одлуката да бидат таму ја донела управата предводена од директорот Мирсад Бакаловиќ, член на СДП, која само пред неколку месеци, наместо да подобри услови, го поскапи престојот за 30%, тврди Индекс.
Притоа, уште во септември, се вели во текстот, советничката Драгана Гагро Берберовиќ од „Наша странка“ јавно предупредила на влажните ѕидови, недоволната храна и мобингот врз вработените.
Видео објавено на социјалните мрежи покажало како старите луѓе живеат меѓу мувла и понижувања. Наместо реакција – управата покренала постапка против неа.
„Ова не е медиумска сензација, туку прашање на достоинство и човекови права“, порачале тогаш од партијата.
Стравичниот пожар во домот во Тузла кој синоќа го потресе регионот се разгорел на седмиот кат од зградата.
– Во осум часот ќе се одржи вонреден состанок на Градскиот совет на Тузла, по што ќе следи состанок на градоначалникот и на цивилната заштита. По тој повод ќе планираме понатамошни активности, но откако истражните органи ќе го завршат својот дел од работата – изјави градоначалникот на Тузла за Кликс.