ГО ПРЕЖИВЕА ПЕКОЛОТ, ЗАГИНА НА ЦЕРЕМОНИЈАТА ЗА МЕДАЛИ Украинскиот херој Знахар падна далеку од фронтот
Се собраа најдобрите. Најдобрите пилоти и пешадијци на бригадата. По наредба. На отворено. Беше погоден од балистичка ракета. Приказната за небрежност се повтори, истакна братот на украинскиот војник наречен Знахар.
Симбол на храброста на украинското небо, Володимир Свјатненко, познат под повикувачкиот знак „Знахар“, загинал во ракетен напад стотици километри од фронтот. Тој преживеал некои од најжестоките битки, меѓу кои и пеколот кај Кринки, но не и ракетата што ја погодила неговата единица во регионот Дњепропетровск на 1 ноември, јави „Украинска правда“.
Смртта на 43-годишниот пилот од 35-та посебна бригада на маринци ја потврдил неговиот брат, новинарот Дмитро Свјатненко.
– Преживеал пекол во Кринки, Курахове, Маријанка, Краснохоривка… Го убија Русите. Но не на бојното поле, туку длабоко во задниот дел – изјави Дмитро на социјалните мрежи.
Тој додал дека Володимир и неговите соборци биле собрани на полигонот за да примат воени награди.
– Се собраа најдобрите. Најдобрите пилоти и пешадијци на бригадата. По наредба. На отворено. Беше погоден од балистичка ракета. Приказната за небрежност се повтори – истакна тој.
Володимир бил еден од најпочитуваните пилоти во единицата. Својот повикувачки знак „Знахар“ го заслужил поради бројните спасувачки мисии и искуството со беспилотни летала.
„Тој ги извлекуваше ранетите, го спасуваше својот тим. Беше првиот што леташе со оптика и ги поучуваше помладите“, напиша братот.
Од украинското Државно истражно биро потврдија дека е отворена истрага за околностите на нападот и евентуалната командна одговорност за собирање на војници на отворено во војна, што се смета за ризична пракса.