КАКО СЕМЕЈСТВОТО НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ СТАНА ГАЗДА НА ЕЛИТНИ ПАРЦЕЛИ ВО ЖДАНЕЦ Имаат ли и вила во туристичко место во Грција, прашува Митева
Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се заработуваат толку пари за купување на сите овие недвижности, праша денеска МАрија Митева од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Денес сме овде да поставиме серија од сериозни, јавни и суштински прашања кои бараат итен и транспарентен одговор од градоначалникот на општина Карпош во заминување, Стевчо Јакимовски, прашања кои не се само политички, туку морални и институционални по својата природа, бидејќи се однесуваат на довербата што граѓаните ја дале, а која очигледно е злоупотребена, рече денеска Марија Митева од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
– Како е возможно, за период од една календарска година, градоначалникот Јакимовски да се најде во ситуација каде со неговото семејство стануваат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, во местото Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти во најскапата урбана зона на Скопје – рече Митева.

Како е можно парцели кои, според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски магично да станат градежно земјиште, и тоа со урбанистичка маркица која веќе е уцртана во планот, праша Митева.

– Дали за овие парцели, кои од зеленило станале градежно земјиште, е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да, кој го поднел тоа барање, кога, и до каде е постапката? Дополнително, прашуваме дали е вистина дека во изминатата година, покрај домашните парцели, семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција – рече Митева.

Време е прашањата да добијат одговори, додаде таа.
– Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности – побара Митева.