ДИК ГО ЧЕКА СУДОТ Утре конечни резултати, но Обвинителството може да се вклучи за Шуто Оризари

Разрешени избирачки одбори во Шуто Оризари поради неправилности во гласањето, информираше Државната изборна комисија.

473

Државната изборна комисија (ДИК) утре ќе ги објави конечните резултати од првиот круг на локалните избори, одржани на 19 октомври. Како што најави претседателот Борис Кондарко на денешната 150. седница на Комисијата, резултатите ќе бидат објавени за сите општини поединечно, откако ќе заврши постапката по тужбите поднесени пред Управниот суд.

„Планиравме резултатите да бидат објавени денеска, но постапките пред Управниот суд сè уште траат и дел од рочиштата се закажани за доцна вечерва. Затоа ќе ја продолжиме седницата утре, кога ќе ги објавиме конечните резултати за сите општини“, изјави Кондарко.






Тој додаде дека во текот на утрешниот ден Комисијата ќе го објави и прегледот на општините каде што нема поднесени тужби и каде гласањето е завршено, како и општините во кои ќе се одржи втор круг на избори.

Разрешени избирачки одбори во Шуто Оризари

На денешната седница, членовите на ДИК донесоа одлука за разрешување на членовите на избирачките одбори во две избирачки места во Општина Шуто Оризари, каде што Управниот суд го поништи гласањето.

„Сметаме дека се направени пропусти при спроведувањето на изборната постапка. Затоа мораме да интервенираме и да назначиме нови избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето во вториот круг. За избирачкото место 2962 се однесува постапката за избор на градоначалник, а за избирачкото место 2966 – за избор на советници“, изјави претседателот на Комисијата.

Според него, ДИК нема да ангажира избирачки одбори од Општинската изборна комисија Шуто Оризари, туку искусни членови од други општини кои успешно го спровеле првиот круг од изборите.

„Ова е порака дека нема да се толерира никакво незаконито работење. Членовите на избирачките одбори кои направиле пропусти не само што ќе бидат разрешени, туку ќе бидат преземени и сите неопходни мерки за заштита на изборниот процес“, додаде Кондарко, упатувајќи дека Обвинителството може да ја разгледа документацијата и евентуално да отвори постапка.

Над 1.500 акредитирани набљудувачи

Вкупниот број на акредитирани набљудувачи за локалните избори изнесува 1.565. Од нив, 94 се домашни, а 651 меѓународни набљудувачи. Меѓу нив има и 14 странски новинари.

Комисијата денеска одобри дополнителни шест набљудувачи за Европскиот парламент и 97 за Здружението за развој на општествено-социјални иновации „Вејк ап“ – Скопје.

Дополнително, ДИК донесе одлука за определување авансни средства во висина од 8.000 денари по рута за вработените кои се задолжени за транспорт на доверливиот изборен материјал и уредите за биометриска идентификација.

Комисијата, исто така, разгледа девет приговори за лично избирачко право. По извршената проверка, три приговори беа одбиени како неосновани, а шест беа прифатени.

Поврзани содржини