ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА НАПРАВИ СРБИЈА ПАРТАЛ ВО РЕЗОЛУЦИЈА Ги охрабрува земјите-членки да го бојкотираат ЕКСПО 2027
Со 457 гласа „за“, а 103 „против“ беше усвоен текстот во кој сериозно се критикува српското раководство за ескалацијата на репресијата, нормализацијата на насилството, слабеењето на демократските институции, ширење на теории на заговор и говор на омраза, како и обид за гушење на медиумските слободи.
Европскиот парламент усвои резолуција за Србија во која се истакнува поларизацијата и растечката репресија во земјата, една година по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад – 457 европратеници гласаа за резолуцијата, 103 беа против.
Во текстот се истакнува дека дури и една година по трагедијата во Нови Сад, истрагата не е завршена и се повикува на „целосно и транспарентно спроведување на законските процедури по истрагата од страна на надлежните органи, со цел одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата, во согласност со владеењето на правото“.
Во резолуцијата, меѓу другото, се споменува дека владата преговарала со сопствениците на United Media, за да го „ослаби“ тој медиум и предупредува дека доколку ова се потврди, тоа би претставувало сериозен напад врз веќе загрозениот медиумски плурализам во Србија. Србија е повикана да се усогласи со политиката на ЕУ во борбата против странското мешање и кампањата на дезинформации.
Се посочува дека влијанието на Кина во Србија значително се зголемило во последните години преку големи инвестиции во инфраструктурата, што предизвикува загриженост за транспарентноста, усогласеноста со стандардите на ЕУ и усогласеноста со прописите за животна средина. ЕП потсетува дека Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO) започна истрага за можна злоупотреба на средствата на Европската Унија наменети за реконструкција на железничката станица во Нови Сад“, се вели во резолуцијата.
Се потсетува дека падот на настрешницата предизвика „невидени“ протести предводени од студенти, кои бараа правда, институционална одговорност, транспарентност, предвремени избори, нивен интегритет, почитување на граѓанските слободи, поделба на властите, слобода на медиумите, крај на системската корупција, како и инвестиции во образованието.
ЕП го поддржува правото на српските студенти и граѓаните на мирни протести, кои повикуваат на одговорност и демократски реформи, директно поврзани со владеењето на правото, што ЕУ го очекува од Србија.
Се додава дека српските власти прибегнале кон насилство врз политичките противници и употреба на прекумерна сила врз демонстрантите низ целата земја, и се оценува дека од почетокот на годината, репресијата ескалирала. Исто така, се потсетува дека, според независни извори, демонстрантите биле нападнати со звучно оружје на 15 март, и се оценува дека ова предизвикува сериозна загриженост во врска со пропорционалноста и легалноста на употребата на сила.
Во резолуцијата се истакнува дека од август насилството дополнително се интензивирало, како и дека безбедносните агенции нелегално снимале и емитувале приватни разговори, кои биле користени за да се обвинат студентите и активистите за подготовка на дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија, додека елитната воена единица Кобра била распоредена и дури користеше боева муниција во еден случај.
ЕП остро го осудува бранот насилство под влијание на државата, заплашувањето и неселективните апсења против мирни демонстранти, новинари, организации на граѓанското општество и претставничката опозиција во Србија, како и кампањите за клевета, заплашувањето од медиумите и злоупотребата на лични податоци со цел да се дискредитираат демонстрантите и ги повикува српските власти да обезбедат слобода на медиумите.
Исто така, ги повикува високите функционери да ја прекинат провокативната реторика што поттикнува непријателство или омраза, како и употребата на нелегален надзор против демонстрантите.
„ЕП го смета српското раководство политички одговорно за ескалацијата на репресијата, нормализацијата на насилството и слабеењето на демократските институции, изразува жалење што највисоките државни функционери активно шират теории на заговор дека уривањето на кровот е саботажа или терористички напад, изразува загриженост поради недостатокот на реакција на државните институции, вклучително и обвинителството и судството, за да ги побијат овие неосновани тврдења“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ употребил „дехуманизирачки јазик кон политичарите од ЕУ, вклучително и членовите на Европскиот парламент, кои изразија поддршка за демонстрантите“.
„ЕП остро ја осудува одмаздата на владата против вработените во секторите образование и култура за поддршка на протестите, вклучително и отпуштања, намалување на платите, повлекување на финансирањето за јавните универзитети и присуство на полиција во универзитетските згради“, се вели во резолуцијата.
Српските власти се повикани веднаш да го вратат финансирањето на универзитетите, а надлежните институции да обезбедат непречено учество на академската и истражувачката заедница во проекти финансирани од ЕУ.
ЕП го осудува организирањето на „нелегален камп во Пионирски парк пред зградата на Претседателството и неговото последователно проширување до плоштадот пред Народното собрание“.
„ЕП е длабоко загрижен од бројните извештаи дека лица со криминално минато се мобилизирани од владејачката партија во контрапротестни активности, напаѓајќи ги демонстрантите со пиротехнички средства, со што дополнително се зголемуваат тензиите, насилството и поларизацијата во земјата“.
ЕП „ги повикува највисоките европски функционери да се воздржат од давање неосновани изјави со кои ги фалат реформските процеси во Србија. ЕП, исто така, ги повика сите земји што учествуваат на претстојниот ЕКСПО 2027 да ги земат предвид сериозните загрижености и доказите за широко распространета корупција поврзана со владејачките структури, како и пријавеното непочитување на основните градежни стандарди и законските барања при организацијата и одржувањето на изложбата.