НА ДЕНЕШЕН ДЕН ПРЕД 80 ГОДИНИ МОШТИТЕ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ТРГНАА КОН СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА Величествена церемонија од Софија до Скопје
На 10 октомври 1946 година, заветот конечно бил исполнет – моштите на Гоце Делчев биле положени во дворот на Македонската православна црква „Свети Спас“, до Калето во Скопје, потсетува Антонио Милошоски.
На денешен ден, 7 октомври 1946 година, започнала траорната, но величествена церемонија, пренесувањето на коските на великанот на македонското револуционерно движење од 20 век, големиот син на македонскиот народ – Гоце Делчев, од Софија кон Скопје, метрополата на нашата и неговата татковина Македонија, потсетува на Фејсбук Антонио Милошоски.
Во знак на длабока почит, Македонците три дена – 7, 8 и 9 октомври 1946 година – пеш го носеле ковчегот со коските од Софија преку Пиринскиот дел на Македонија, преку Струмица и Штип, сѐ до Скопје. На 10 октомври 1946 година, заветот конечно бил исполнет – моштите на Гоце Делчев биле положени во дворот на Македонската православна црква „Свети Спас“, до Калето во Скопје.
Така, по долги децении на тајност, преместувања и страдања, светите коски на Гоце Делчев конечно се вратија дома, во срцето на слободна Македонија.
Гоце Делчев, роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, го заврши својот живот на 4 мај 1903 година во селото Баница, предаден и убиен. Три години подоцна, неговите посмртни останки биле откопани и започнало нивното патешествие – од Баница, преку Пирин и Софија, па сѐ до нивното конечно пристигнување во главниот град на македонската држава.
Пред изнесувањето од домот на војводата Михаил Чаков во 1923 година, на ковчегот бил врежан заветот:
„Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната престолнина на независна Македонија!“
Овој завет бил исполнет во 1946 година, во време кога Македонија конечно ја стекнала својата државност, а народот добил можност достоинствено да го прослави својот најголем револуционер.
На испраќањето во Софија, Тодор Павлов, член на БАН и регент на Бугарија, во својот говор изјавил:
„Гоце Делчев можеме слободно да го сметаме за основач на Македонскиот народно-ослободителен фронт… Гоце со целата своја револуционерна активност и мисла, силно придонесе за основањето и развојот на македонската национална свест – македонска, а не бугарска или српска!“
Денес, моштите на Гоце Делчев се наоѓаат во саркофаг во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што секоја година – на 4 февруари и 4 мај, се оддава почит кон неговото дело и неговиот завет.
Вечна му слава и царство небесно на Гоце Делчев – великанот кој го препознаваше „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Неговата мисла и денес е жив завет, потсетник дека македонската цивилизација е цивилизација на мирот, љубовта и толеранцијата, на културната разноликост и националниот идентитет, кој низ вековите се издигнува над поделбите и асимилациите.
Да ја чуваме оваа мисла и да го продолжиме неговиот пат – патот на слободата, достоинството и заедничкиот идеал, Македонија, пишува Милошоски.