„СЕ ОБЕДИНИЈА ГЛАДНИТЕ ЗА ВЛАСТ И ГНЕВНИТЕ КОН ВМРО-ДПМНЕ“ Изборот е уназадување со сојузот СДСМ-ДУИ и Левица или одење напред со нас, порача Мицкоски
Првата коалиција е коалиција којашто не враќа назад како оние 7 години кога се ограбуваше Македонија, кога се распродаваше македонскиот идентитет и кога се распродаваа Македонија, и втората опција е ВМРО-ДПМНЕ, за напредок и развој, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Брвеница.
На овие избори постојат две коалиции, едната СДСМ-ДУИ и Левица, а другата опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Брвеница.
– Овие избори, се избори на коишто има две опции, едната опција е коалиција којашто е формирана на непринципиелен начин, коалиција којашто се обедини затоа што е гладна за власт, едните за прв пат, а другите да го повторат тоа што го правеа 7 години. Втората причина зошто тие се обединија е неподносливиот пандемиски гнев кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата којашто ја сочинуваат СДСМ, ДУИ и Левица. Тоа е коалицијата којашто ја формираа Венко Филипче, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Тоа е таа неформална коалиција. Тоа е коалицијата којашто живее од Македонија. И втората опција е коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ – кажа Мицкоски.
Тој потенцира дека првата коалиција е враќање назад и уназадување на Македонија.
– Ова се двете коалиција кои на овие избори имаат сосема различни концепти. Првата коалиција е коалиција којашто не враќа назад како оние 7 години кога се ограбуваше Македонија, кога се распродаваше македонскиот идентитет и кога се распродаваа Македонија, и втората опција е ВМРО-ДПМНЕ, за напредок и развој – рече Мицкоски.
Тој истакна дека Левица не извади кандидати за градоначалници во местата од каде што доаѓаат нивните пратеници и претседателот на партијата, но затоа имаат кандидати во Струга, Тетово и Гостивар.
– Не извадија кандидати ниту во Штип од каде што доаѓа втората фигура во раководството на таа партија, но затоа извадија во Тетово, Гостивар и во Струга. Зошто? Само поради една причина, да можат да направат дисипација, раслојување на анти ДУИ гласовите. Тоа нема да им помине, народот не им верува – истакна Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека на овие избори огромен број граѓани ќе ја изберат втората опција, а тоа е опција на раст на развој на инвестиции, на план и визија за Македонија.
Кандидат за градоначалник на општина Брвеница, Јовица Илиевски рече дека во изминатите четири години општината покажа дека чесната, транспарентна и посветена работа резултира со успех.
– Реализиравме вкупно 125 проекти, извршивме комплетна реконструкција на повеќе училишта во нашата општина со термоизолациона фасада, внатрешно уредување, нови кровови, како и изградба на спортски терени со вештачка трева во сите населени места. Изградивме и уредивме рекреативни паркови во сите населени места. Отворивме нов бунар за водоснабдување со нова пумпа и куќиште, поставивме нови автобуски постојки, нова канализациона мрежа во целата општина, покриена е 90 проценти од патната инфраструктура во нашата општина – рече тој.
Како број еден проект за следниот мандат, додаде, ја нагласувам изградбата на новата градинка во село Челопек, со капацитет од 50 корисници, со чија изградба ќе се обезбеди место за секое дете, особено за оние од социјално ранливите семејства, за кои престојот ќе биде бесплатен.
– За развојот на индустриската зона „Брвеница“, ќе ја прошириме оваа зона, за да донесеме уште повеќе инвестиции и да ја намалиме невработеноста. Нов проект за повеќе населени места кои имаат потреба од довршување на примарната и секундарната мрежа за отпадни води. Изградба на дом за стари лица во Брвеница со капацитет од 50 корисници. Планирани се и нови проекти во културата, спортот, животната средина, здравствената заштита и дигитализација на општината – рече Илиевски.
Во Теарце, носителот на советничката листа за Советот на Општина Теарце, Томислав Богдановски на денешниот митинг најави дека ќе се вложува во патишта, осветлување, училишта, спорт, култура и туризам и дека никој нема да биде заборавен.
Тој истакна дека Непроштено има реална потреба од ново училиште за учениците кои учат на македонски јазик, како и од подобрување на општата инфраструктура, спортските и рекреативните површини и на осветлението.
– Мојата најголема сила не доаѓа од функцијата, туку од вас, граѓаните. Јас ќе бидам тој што ќе го даде својот придонес за Непроштено да живее достоинствено, онака како што заслужува. Непроштено заслужува реновирано спортско игралиште, рекреативно катче за најмалите, модерна инфраструктура – истакна Богдановски.
Додаде дека Лешок заслужува пристоен животен стандард преку обезбедување чиста вода за пиење, подобрена инфраструктура и улично осветление, уреден влез во селото и безбедни патишта.
– Лешок не заслужува да биде само убаво име на хартија, туку и место кое ќе биде центар на туризмот во Полошкиот регион. Ние сме 7 села со седум срца кои чукаат заедно. Јас нема да ве гледам како гласачи, туку како соработници. Ќе бидам тука не само пред избори, туку секогаш кога ќе треба . Го познавам секое село, секој сокак, секој проблем и заедно ќе ги решаваме. Со поддршка од централната власт и Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, знам дека ќе успееме – рече Богдановски.