ЌЕ СЕ ПОДОБРИ ПРИСТАПНОСТА ДО СИТЕ ЈАВНИ ОБЈЕКТИ Ѓорѓиевски и Митевски им ветија услови за нормално движење на лицата со попреченост

Целта ми е да направиме инклузивен град каде што сите ќе имаат еднакви права и можности. Така, парковите што ќе ги правиме, јавните објекти, итн. ќе бидат во тој дух, рече кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски на средба со претставниците на најголемото македонско здружение на лица со попреченост, „Мобилност Македонија“.

126

На покана на кандидатот за градоначалник на Скопје номиниран од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески денеска се оствари средба со претставниците на најголемото македонско здружение на лица со попреченост, „Мобилност Македонија“, поточно скопскиот огранок.

Ѓорѓиевски, пред сè, ги покани своите соговорници да даваат свои идеи и предлози, покрај другите здруженија со коишто, како досегашен градоначалник на Кисела Вода соработува активно, како што е Здружението на родители на деца со церебрална парализа. Тој предочи дека работејќи заедно, пристапноста до шалтерите и воопшто – до јавните установи, може да се подобри, бидејќи тоа се „ситни потфати“ коишто на граѓаните со попреченост многу им значат.






– Целта ми е да направиме инклузивен град каде што сите ќе имаат еднакви права и можности. Така, парковите што ќе ги правиме, јавните објекти, итн. ќе бидат во тој дух. Јас ќе барам само ваша логистичка поддршка т.е. потсетување кога, некогаш, ете нешто ќе заборавиме… Зашто, знаете, ние ќе бидеме потрупани со проекти – порача Ѓорѓиевски.

Митески ги презеде истите задачи и потфати типични за Аеродром. Тие ветија и поредовна и поблиска комуникација со граѓаните со попреченост.

Граѓаните побараа – во иднина, пристапноста до зградите, јавните, деловните и станбените објекти да биде не препорачана, туку законски обврзувачка и задолжителна.

Беа спомнати и нередовните автобуси, како и одбивањето на возачите да ја спуштат рампата за пристап за лица со ортопедска количка или какво било друго помагало.

Ѓорѓиевски рече дека сè тоа спаѓа во правилата што во иднина ќе мора да се почитуваат.

– Има нови автобуси коишто седат по паркинзи – 60 возила коишто се подобри од сегашниве, но некој не сака да потпише лиценца и тие да бидат пуштени во промет – појасни Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека почитувањето на правилата и прописите мора да се преточи во систем, како и почитувањето на надлежностите на првиот човек на општината, кој мора да ги заштити своите граѓани пред сè.

Здружението „Мобилност“ ги повика граѓаните со попреченост да им се обратат, да си ги кажат своите проблеми коишто, најверојатно еднаш месечно, систематизирани, ќе му бидат пренесувани на новиот градоначалник.

Поврзани содржини