17 СЛУЧАИ НА ТРУЕЊЕ, ДЕЛ ПОТВРДЕНИ СО САЛМОНЕЛА Сè повеќе заболени ученици и професори во Штип
Се зголемува бројот на затруени ученици и наставници во Штип, сомнителни сендвичите со пилешко од затворената сендвичара.
Бројот на ученици и вработени од едно средно училиште во Штип кои имаат симптоми на труење по јадење сендвичи од блиска сендвичара расте од ден на ден. Епидемиологот Светлана Живкова потврди дека до денеска се регистрирани 17 лица со симптоми на труење, што е зголемување за уште два нови случаи во однос на вчерашниот биланс.
– Досега се регистрирани 17 случаи, а кај дел од нив од измет е изолирана „Salmonella enteritidis“. Земени се 35 примероци од храна, вработени и работни површини, кои се испратени во лабораторија на Институтот за јавно здравје во Скопје – изјави Живкова.
Таа додаде дека резултатите од испитувањата сè уште се чекаат.
Сендвичарата, од каде потекнува сомнителната храна, веќе е затворена, а санитарните инспектори извршија целосна контрола – земени се примероци од храната и работните површини, направени се санитарни прегледи на сите вработени, како и нивна едукација за хигиена и безбедност при работа со храна.
Мајка на едно од децата што заврши на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, раскажа дека симптомите кај нејзиниот син се појавиле по јадење сендвич со пилешки стек и пржени компири.