📽️ 📷 ВАДЕТЕ ГИ СЛУШАЛКИТЕ И СПУШТЕТЕ ГИ ТЕЛЕФОНИТЕ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН Полицијата почна да опоменува, наскоро ќе фрчат казни
Полициски службеници распоредени низ центарот на градот почнаа да ги опоменуваат пешаците и возачите кои користат телефони и електронски уреди додека учествуваат во сообраќајот. Казните се движат од 40 до 50 евра, а јавноста веќе жестоко реагира.
Екипата на Плусинфо денеска излезе на терен за да провери како изгледа спроведувањето на новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во срцето на Скопје, на најфреквентните пешачки премини, забележавме засилено присуство на полициски службеници кои внимателно го следеа движењето на пешаците, велосипедистите и возачите на електрични тротинети.
Полицијата не остана само на набљудување. Секој кој се обиде да премине улица со мобилен телефон на уво, или кој возеше велосипед со слушалки во двете уши, веднаш беше сопрен и доби предупредување.

– Пешаците кои преминуваат пешачки премин и разговараат на мобилен телефон, користат слушалки за разговор во двете уши, смарт часовник или таблет ќе бидат казнети. Истите законски мерки важат и за возачи на велосипед, мопед, мотоцикл, трицикл и четирицикл кои за време на управувањето не смеат да користат електронски уреди – велат од полицијата за Плусинфо.
Првите денови акцентот е ставен на опоменување и предупредување, но наскоро ќе се премине кон изрекување на парични казни. Според новите измени, казната за пешак кој поминува пешачки премин со телефон во рака или на уво е 40 евра, додека возачите на тротинети, мопеди или мотоцикли кои користат електронски уреди ќе платат 50 евра.

Од РСБСП: Без мобилен во рака – повеќе безбедност за сите
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) посочуваат дека новите мерки се воведуваат со цел да се заштитат најранливите категории во сообраќајот – пешаците, велосипедистите и возачите на тротинети.
– Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила. Со новиот закон е предвидено и возачите на електрични тротинети за време на управувањето со возилото да не смеат да користат електронски уреди како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет или смарт часовник, освен специјализирани уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови – велат од РСБСП.
Тие нагласуваат дека ваквите измени поставуваат нови стандарди за одговорно однесување и дека не се насочени само кон казнување, туку кон менување на свеста кај граѓаните.
Бурни реакции на социјалните мрежи
Сепак, новите правила не поминаа без реакции. На социјалните мрежи граѓаните остро коментираат – дел сметаат дека мерките се неопходни, но многумина се прашуваат зошто казните се фокусирани токму на пешаците и возачите на тротинети, а не на возачите на автомобили кои секојдневно зборуваат на телефон додека возат.
„Секој ден сум на велосипед. Она што го забележувам на скопските улици е многу страшно: ако не секој втор, тогаш сигурно секој трет возач на автомобил зборува или куцка на телефон додека вози. А овие ќе казнувале пешаци и велосипедисти. Секогаш сме имале добар сенс за приоритети“.
View this post on Instagram
„Ај овие со слушалки во уши ќе ги казните туку што правиме со овие што ги возат децата излезени на пола низ прозор/седнати у скут на волан?“.
„Првпат коа го слушнав законов бев: ‘Живи глупости’. Откако размислив колку ненормални пешаци ќе сум удрел и да не збориме тротинети… ок е“.

„Колку пешаци со слушалки во уши се казнети дека сабајлево од 1000 возила со кои се разминав, 999 имаа телефон во рака“.
„Многу јако ќе биде ова казнувањево на пешаци со слушалки, а наоколу сите што се во кола, точак, тротинет со изразена вратна спондилоза додека разгораваат на телефон и возат“.
„40 евра казна за пешак што збори на мобилен на пешачки, а 50 евра доколку возачот во тој момент користи мобилен. Скроз логични се сумиве, пошто нали, често се случува пешакот дур збори на мобилен, да убие кола“.
„А како ќе докажат дека слушам нешто ако носам слушалки додека поминувам улица? Можеби се исклучени, можеби ги носам само за моден детаљ и не слушам ништо…“.
View this post on Instagram
„Ќе најдам најмали слушалки кои нема да се гледаат!“
„Од гледна точка на возач: апсолутно неприсутни со паметот се 95% од пешаците. Од гледна точка на пешак, молам сериозно да се казнуваат возачите кои се со телефон во рака и муабетат…“.
