БРИСЕЛ РАСПИША ВТОР ОГЛАС ЗА РУДНИЦИ Европската унија ветува скратени процедури, Македонија ќе се усогласува

Од Европската комисија истакнаа дека избраните проекти ќе имаат корист од побрзо издавање дозволи, како и од олеснет пристап до финансии. Во првиот повик беа избрани 47 проекти, а голем дел од нив се нови рудници на европско тло за литиум, бакар, никел и други неопходни метали.

104

Европската комисија го објави вториот повик за стратешки рударски проекти, со цел да се обезбедат критичните минерални суровини за европската индустрија. Потпретседателот на ЕК задолжен за развој и индустриски стратегии, Стефан Сежурне вели дека стратешките проекти ја зајакнуваат отпорноста на ЕУ преку обезбедување суровини кои се клучни за зелената и дигиталната транзиција. Од Комисијата истакнаа дека избраните проекти ќе имаат корист од побрзо издавање дозволи, како и од олеснет пристап до финансии. Во првиот повик беа избрани 47 проекти, а голем дел од нив се нови рудници на европско тло за литиум, бакар, никел и други неопходни метали.

– Со нашиот прв бран на стратешки проекти, ЕУ покажа потенцијал за зголемување на домашното производство, рафинирање, преработка и рециклирање во рамките на ЕУ, како и за соработка со земјите-партнери, за намалување на зависноста, зајакнување на економската безбедност и диверзификација на снабдувањето. Тоа е уште еден клучен чекор кон европскиот суверенитет. Сега ги поканувам сите да достават повеќе проекти за 17-те стратешки суровини – истакна Сежурне.






Во интервју за француските медиуми тој потенцира дека мора да се има предвид геополитичкиот контекст и влијанието на Кина и на останати земји кои ги произведуваат потребните минерали. За вториот повик кој е отворен до јануари, потпретседателот на ЕК ги повика да аплицираат и сите компании кои на првиот повик биле одбиени. Европските финансиски институции после првиот повик започнаа со бакарот да го кредитираат домашното производство и рециклирање.

– Намалувањето на нашата зависност е приоритет. Затоа сакам да забрзаме. Ги скративме роковите за отворање погони или фабрики за преработка. Беа потребни десет години за да се отвори рудник, а европското законодавство сега поставува рок од 27 месеци… Инвеститорите и производителите сега се запознаени со нашата рамка. Воведовме специфична финансиска поддршка: грантови за инфраструктура, гарантирани заеми. Секој проект може да има корист од финансиски пакет со Комисијата, за да се осигури дека ќе биде оперативен и ефикасен до 2030 година. Ова е без преседан. Затоа очекуваме да бидат предложени и последователно избрани повеќе проекти – додава Сежурне.

Од друга страна, Македонија е исто така на пат да препознава стратешки проекти во индустријата, откако би се усвоил новиот Закон за рударство. Во предложениот нацрт се нагласува и улогата на Комисијата во дефинирањето на одреден рударски проект како проект од стратешки интерес. Последно, на средбата меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Диме Петровски, било истакнато дека нашето рударство ќе продолжи да се усогласува со европските стандарди.

– Разбираме дека рударскиот сектор бара подобри услови за работа, но должни сме да обезбедиме фер правила, транспарентност и заштита на ресурсите. Ќе се работи на намалување на административните бариери и усогласување со европските стандарди – порачала министерката Божиновска.

– Современиот начин на живот носи зголемена потреба од минерали и ресурси, што ги прави модернизацијата и одговорното рударство неопходни – истакнал претседателот на МАР, Петроски.

Од она што е познато е дека од критичните минерални суровини за кои трага Европската Унија, Македонија изобилува со бакар. Со геолошки истражувања кои покажале присуство на дури 700.000 тони бакар се пофали инвеститорот во рудникот за бакар во Иловица. Сепак, нова сериозна инвестиција во рударството во земјава немало изминативе 40 години. Дел од најавите останаа нереализирани, а инвеститорите се жалеа на правна несигурност.

Поврзани содржини