СЕ ВОСПОСТАВУВА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ЕНЕРГЕТСКА СИРОМАШТИЈА Таа ќе овозможи лесно препознавање на ранливите домаќинства
Министерството за енергетика веќе работи на следните чекори – подготвување на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.
Министерството за енергетика и рударство воведува методологија за енергетска сиромаштија, со која ќе се воспостават јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства и понатамошна заштита за овој тип потрошувачи.
Методологија овозможува лесно ќе се утврдуваат параметрите кои укажуваат на енергетска сиромаштија како -ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Тие ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи.
– Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика – изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
Методологија, велат од Министерството, ќе овозможи институциите да имаат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата, ќе послужи како основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија и ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.
Како што соопшти Министерството, секретаријатот на Енергетската заедница позитивно ја оценил драфт верзијата на Методологијата и дека е во согласност со Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија. Тоа значи дека може да се применува.
Министерството за енергетика веќе работи на следните чекори – подготвување на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.