УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЌЕ СЕ ОБНОВИ ДО 2028 ГОДИНА Еве како ќе изгледа

Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала да биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра.

739

Модерен и функционален објект кој ќе го врати значењето на култната Универзална сала и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје беше презентиран денеска од страна на Министерството за култура и туризам.

Проектот, кој е преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел се направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побарало како неопходност што произлезе од пожарот на објектот.






„Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постојната форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветлување, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали во ентериерот и екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение“, соопшти Министерството за култура.

Универзална сала, фото: Министерство за култура и туризам

Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе започне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала да биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра.

– Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба, создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата во 2028 година – истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Универзална сала, фото: Министерство за култура и туризам

Околу реконструкцијата и адаптацијата на објектот што е симбол на градот и наменет за различни настани, се осврна проектантот Бујар Муча. Тој појасни дека задржан е концептот на гледалиштето – диспозиција на блокови, влезови и излези.

– Намален е бројот на редови за да се зголеми комфорот на публиката и да се задоволат безбедносните параметри во случај на евакуација и ПП. Предвидени се околу 1.200 седишта, наместо 1.500 колку што претходно имала салата – додаде тој.

Тој соопшти добра вест за филмаџиите, со оглед дека во Универзална ќе може да се одржуваат филмски премиери, а со подобрената акустика, објектот нема да им пречи на жителите во околината.

Министерот Љутков рече дека по обновувањето на објектот, Универзална сала ќе се врати под надлежност на Град Скопје.

Поврзани содржини