24.000 СЕМЕЈСТВА ВО МАКЕДОНИЈА ЖИВЕАТ СО ДЕМЕНЦИЈА 80 отсто од негувателите кои се препуштени сами на себе, се соочуваат со депресија

Во Македонија, во 2020 година живееле 20.000 лица со деменција, сега се повеќе од 24.000. А тоа значи 24.000 семејства кои се соочуваат со болеста на нивен член, а оставени се сами на себе, па 80% од сопружниците или децата на болните како негуватели се соочуваат со депресија. Светскиот ден на Алцхајмерова болест е само повод сите гласно да зборуваме и да пратиме порака дека лицата со деменција и нивните семејства не смеат да останат осамени и заборавени.

741

По повод Светскиот ден на Алцхајмеровата болест – 21 Септември, Здружението на граѓани Институт за Алцхајмерова болест и невронаука во Македонскиот народен театар (МНТ) организираше т.н. „Алцхајмер матине – Патување низ времето“.

Целта на овој настан, според организаторот, е да се влијае на подигнување на јавната свест за болеста, која ја нарекуваат епидемија на 21 век.






– Гледав како од ден на ден станува сè полошо. Понекогаш навечер, иако се чинеше дека е толку изморена што ќе спие до утрото, стануваше по неколку пати. Понекогаш во таквите ноќи бев многу уморна, фрустрирана, лута и тажна истовремено.

Влегував во нејзината соба, ја прегрнував и плачев. Воопшто не мислев на тоа дека така ќе ја вознемирам уште повеќе, не мислев баш ништо, само им се препуштав на тагата и на уморот.

Плачев, рикав како магарица и ја молев: „Мамо, те молам легни си, те молам спиј, уморна сум многу, ајде, легни си мамичке, врати се на спиење“.

Не верувам дека ме разбираше, но ми беше уште потешко кога ќе се расплачеше и самата:

„Извини, ќе бидам подобра, ќе спијам, не плачи“.

Не знам како да го опишам тоа што се случуваше во мене во ваквите ноќи, некакво чувство на безнадежност, на неизмерна тага, на немоќ – пишува авторката на книгата „Кога мама заборави дека ме сака“, посветена на нејзината мајка која боледувала од деменција и за сите предизвици во нивниот заеднички живот.

Се осврнуваме повторно на оваа книга по одбележувањето на Светскиот ден на Алцхајмер во Македонскиот народен театар кадешто д-р Габриела Новотни, проф.д-р Антони Новотни и други претставници од Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука, се осврнаа на сите предизвици што ги носи со себе оваа болест.

Повеќе за ова прочитајте ТУКА.

Поврзани содржини