НА ЧУЧЕР САНДЕВО МУ ТРЕБА РАМНОМЕРЕН РАЗВОЈ, ТУРИЗАМ, САЛА, КОМУНАЛНИ ВОЗИЛА Бајовски најавува големи чекори ако ја добие довербата од граѓаните

Освен реконструкцијата на бројни локални патишта и враќање на општината на туристичката мапа според своите потенцијали, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Чучер Сандево најавува изградба на спортска сала од 4.000 квадратни метри, нови комунални возила, доброволно противпожарно друштво, но и справување со горливиот проблем со пречистителната станица за фекална канализација.

1,177

Рамномерен развој на 14 населени места и 5 викенд населби во Чучер Сандево заедно со реконструкција на бројни локални патишта и враќање на Чучер Сандево на туристичката мапа нуди Зоран Бајовски, кандидатот за градоначалник на општината кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за Курир Бајовски вели дека е подзаборавена и вековната историја на регионот кој се наоаѓа на Скопска Црна Гора како погодност за верски туризам заедно со потенцијалите за планински и етно-туризам.

– Како иден градоначалник би посветил внимание на формирање на доброволно противпожарно друштво за да може брзо да се интервенира при пожари. Втор голем проблем кој се јави ова лето е недостаток на вода за пиење. Еден од најголемите предизвици во делот на животна средина и екологија ќе биде тоа што немаме пречистителни станици за фекална канализација, односно има една која повеќе од пет години не функционира. Делот за програмата најмногу ја црпиме од граѓаните, односно од нивните потреби.  Долгогодишна потреба на сите граѓани на Чучер Сандево е спортска сала. Во моментов работиме на финансиска конструкција за околу 4.000 метри квадратни што ќе биде прва спортска сала во Чучер Сандево и правиме напори да се овозможи реализација – вели Бајовски додавајќи дека заедно со Владата може да се направи многу за општината.






Тој вели дека се работи на проекти за набавка на повеќе комунални возила.

– Три- четири возила, ќе видиме финансирањето како ќе се одвива. Треба да се модернизира и во делот на начинот на финансирање на Комуналното претпријатие бидејќи сега има потешкотии и на вработените, колку што имам јас информации, им доцнат и по неколку месеци плати.

Бајовски смета дека Стенковец треба да биде економскиот двигател на општината и дека треба да се ограничи во кој дел што треба и како да се гради, за плански да биде направено и да им олесниме на инвеститорите полесно да дојдат во градежни дозволи во Општина Чучер Сандево.

Тој постетува дека со планираниот автопат Скопје-Блаце општината ќе добие уште поголемо значење и поврзаност.

Запрашан за состојбата во Кучевишка Бара Бајовски вели дека е итно потребна реализација на водоводната инфраструктура.

– Конечно е исправена неправдата, легализации, данок на имот, се’ плаќаат во Општина Чучер Сандево и општината треба да им се возврати. Зборуваме за околу 13 километри секундарна мрежа за канализација, пречистителна станица, реконструкција на водоводна мрежа и на сите улички.

 

 

Поврзани содржини