НАД 2 МИЛИЈАРДИ ЛУЃЕ НЕМААТ ПРИСТАП ДО БЕЗБЕДНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ Околу 100 милиони усти пијат од реки, езера и од канали

Светот е далеку од постигнување на целта до 2030 година секој човек да има пристап до вода за пиење, предупредуваат СЗО и УНИЦЕФ во заедничка студија.

45

Обединетите Нации денеска предупредија дека повеќе од 2 милијарди луѓе ширум светот сè уште немаат пристап до безбедна вода за пиење, поради што се во ризик од болести.

Светската здравствена организација и УНИЦЕФ во заедничка студија предупредуваат дека светот е далеку од постигнување на целта до 2030 година секој човек да има пристап до вода за пиење.






Исто така, се посочува дека повеќе од 100 милиони луѓе сè уште зависат од водата од површинските извори, како што се реките, езерата и каналите.

– Водата, санитарните услови и хигиената не се привилегии: тие се основни човекови права. Треба да го забрзаме дејствувањето, особено за најмаргинализираните заедници – изјави директорот на одделението за животна средина во СЗО, Рудигер Крех.

Во студијата се проучувани петте нивоа на услуги за вода за пиење. Безбедното управување со водата, највисокото ниво, се дефинира како вода што е достапна во домаќинството, достапна кога е потребна и без фекална или хемиска контаминација. Четирите пониски нивоа се: основна вода (подобрена вода до која може да се стигне за помалку од 30 минути), ограничена (подобрена, но со подолго време до пристапот), неподобрена (на пример вода од незаштитен бунар или извор) и површински води.

Кога децата немаат пристап до безбедна вода, санитарни услови и до хигиена, нивното здравје, образование и иднина се во опасност, предупреди директорката на УНИЦЕФ, Сесилија Шарп.

„Овие нееднаквости се особено изразени кај девојчињата, кои често го носат товарот на собирање вода и се соочуваат со дополнителни бариери за време на менструацијата. Со сегашното темпо, перспективата за безбедна вода и санитарни услови за секое дете е сè понеостварлива цел“, порача Шарп.

Во 2024 година, 89 земји имале универзален пристап до основна вода за пиење, од кои 31 имаат универзален пристап до безбедно управувани услуги. Додека, 28 држави, од кои најголемиот број во Африка, немаат основни услуги, кога е во прашање безбедната вода.

Поврзани содржини