🎥 НЕОБИЧНИ „ГОСТИ“ НА ЈАДРАНОТ Освен безобразните цени, туристите ова лето ги изненадија и ајкули и китови
И покрај возбудата и стравот што ваквите сцени го предизвикуваат, експертите се едногласни: присуството на ајкули и китови е знак на здраво море. „Море без ајкули е болно море“, велат научниците.
Ова лето Јадранското Море нè изненади со сцени кои повеќе личат на документарен филм, отколку на секојдневие. Во Опатија, пред очите на туристи и локалци, заплива огромен кит, долг околу 15 метри, на само неколку десетици метри од брегот.
„Не можевме да поверуваме, толку блиску до нас“, изјави еден очевидец, чиј ВИДЕО-ЗАПИС за кратко време се рашири низ медиумите и на социјалните мрежи.
Неколку дена претходно, рибари кај островот Жирје доживеаја непријатна авантура: ајкула мако, позната како една од најбрзите во светот, го нападна нивниот чамец и им го проголта уловот.
„Се преплашивме, но и се воодушевивме – такво нешто ретко се гледа“, велат тие.
Видеото од ајкулата кај Жирје можете да го погледнете ТУКА.
Случајна појава или нова реалност?
Прашањето што логично се наметнува е дали нешто чудно се случува во Јадранот токму ова лето, или овие животни отсекогаш биле дел од морската средина, а денес едноставно почесто ги гледаме затоа што секој со телефон станува „репортер“?
Експертите велат дека големите морски животни не се целосни странци во Јадранското Море. Белите ајкули, на пример, некогаш биле редовни посетители, но нивниот број со децении е во опаѓање. Сепак, неодамна во Црна Гора беше уловена и пуштена назад во морето млада бела ајкула, што научниците го оценија како важен знак за потенцијално обновување на популацијата.
Потопло море, нови видови
Она што навистина се менува е температурата на морето. Климатските промени ја загреваат водата, а тоа ги тера животните од потоплите предели да мигрираат северно.
„Јадранот станува дом за видови што порано не се појавуваа тука. Ова е само почеток“, предупредуваат биолозите. Тие веќе поставуваат сателитски предаватели на поединечни ајкули, за да ја следат нивната миграција и однесување.
Китовите, пак, одамна биле забележувани во Јадранот, но ретко толку блиску до брегот. Според морските истражувачи, нивните патеки за миграција се пошироки отколку што се мислело, па затоа не е исклучено вакви глетки да станат почести.
Море што живее
И покрај возбудата и стравот што ваквите сцени го предизвикуваат, експертите се едногласни: присуството на ајкули и китови е знак на здраво море.
„Море без ајкули е болно море“, велат научниците.
Секако, останува впечатокот дека ова лето, благодарение на мобилните телефони и социјалните мрежи, многу повеќе сме сведоци на она што отсекогаш постоело. Јадранското Море и понатаму го чува својот таинствен свет, а луѓето денес имаат повеќе алатки од кога било да го документираат тоа.