НАРОДОТ ЌЕ ЈА КРОИ ПРОГРАМАТА НА ВМРО-ДПМНЕ Граѓаните ќе ги пишуваат проектите за локалните избори

Седумдневната акција „Предложи! Вистинската идеја за вашата општина!“ ќе овозможи граѓаните директно да учествуваат во креирањето на изборните програми за претстојните локални избори.

250

ВМРО-ДПМНЕ најави дека од среда, 27 август, ќе започне седумдневната акција „Предложи! Вистинската идеја за вашата општина!“, која ќе трае до 3 септември. Како што соопштија од партијата, целта е во пресрет на локалните избори да се соберат идеи и предлози од граѓаните кои ќе бидат преточени во изборните програми на кандидатите за градоначалници.

„Многу пати досега покажавме дека ВМРО-ДПМНЕ го слуша гласот на народот. Нивните идеи и предлози ги преточуваме во реализирани проекти, и така ќе биде и сега. Изборните програми ќе ги подготвуваме заедно со граѓаните“, велат од партијата.






Акцијата ќе се одвива секој ден во периодот од 17 до 21 часот на плоштадите и прометните локации во сите општини. На поставени штандови, граѓаните ќе имаат можност на посебен формулар да ја запишат својата идеја за проект што сакаат да го видат реализиран.

Паралелно, во истиот временски интервал ќе бидат отворени и сите партиски штабови низ државата, каде граѓаните, заедно со членовите на ВМРО-ДПМНЕ, исто така ќе може да предложат проекти. За оние кои претпочитаат електронски пат, достапна е и адресата: [email protected].

Од партијата појаснуваат дека за обработка на собраните идеи и нивно преточување во конкретни изборни проекти ќе бидат задолжени тимови од експерти, професори, јавни личности и политичари со долгогодишно искуство.

„Нашата задача и обврска е да ги претвориме потребите на граѓаните во конкретни проекти, со јасна финансиска рамка и рок на реализација“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека очекуваат масовен одзив: „Сакаме програмите да бидат што е можно подетални и содржајни, затоа што само така ќе бидат автентични – со проекти кои извираат директно од народот и ги решаваат нивните проблеми.“

„ВМРО-ДПМНЕ е со народот, ги слуша неговите забелешки, потреби и идеи. Веруваме дека заедно ќе изградиме најдобри програми за нашите општини“, порачаа од партијата.

Поврзани содржини