НЕМА ВЕЌЕ ДА ИМА ИЗНЕНАДУВАЊА КОГА ЌЕ ОТИДЕТЕ НА ЛЕКАР Со новиот систем ќе се спречи автоматско исклучување на осигуреници

Ќе се воспостави и годишна достава на податоци за застарени и ненаплатени придонеси, со цел да се реши проблемот на осигуреници кои имаат обврски постари од 10 години, но сега се редовни плаќачи.

2,590

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП) потпишаа анекс на Протоколот за електронска размена на податоци со кој се овозможува навремено ажурирање на информации, решавање на застарени долгови и спречување на злоупотреби, сè со цел да се обезбедат поефикасни, потранспарентни и достапни услуги за граѓаните.

Како што соопштуваат од ФЗОРСМ, овој анекс е прв по потпишувањето на оригиналниот протокол во 2012 година. Потписници на анексот се директорите Елена Петрова и Сашо Клековски.






Со новиот анекс, ФЗО ќе добива месечни податоци за неплатени придонеси за здравствено осигурување, поединечно по обврзници за пресметка и уплата. Досега се добиваа само податоци за платени придонеси, што предизвикуваше ненајавени прекини во осигурувањето. Новиот систем ќе овозможи навремено информирање и ажурирање на податоците, спречувајќи автоматско исклучување на осигуреници поради технички грешки.

Ќе се воспостави и годишна достава на податоци за застарени и ненаплатени придонеси, со цел да се реши проблемот на осигуреници кои имаат обврски постари од 10 години, но сега се редовни плаќачи. Ова ќе овозможи годишно отпишување на застарени побарувања и враќање на правото на здравствено осигурување за овие лица.

Како дел од интеграцијата со системот „е-даноци“, ФЗО ќе добива во реално време уверенија за остварени приходи за лицата кои аплицираат како социјално загрозени, за кои придонесот го покрива Министерството за здравство. Ова е прв чекор кон спречување злоупотреби на ова право, кое досега се остваруваше само преку самоизјава.

– Овие промени обезбедуваат побрзи, потранспарентни и подостапни услуги, намалувајќи ги бирократските бариери за граѓаните. ФЗО и УЈП продолжуваат со дигитализација за поефикасна администрација во корист на сите – велат од Фондот.

Поврзани содржини