РАМА САКА СО „АИ МИНИСТЕР“ ДА ЈА СМАЧКА КОРУПЦИЈАТА Албанија веќе на големо користи вештачка интелигенција

Владата во Тирана веќе применува алгоритми за следење на јавните набавки, откривање аномалии во даночните и царинските трансакции, како и за надзор со дронови и сателити со цел сузбивање на нелегалната градба и канабис-плантажите. Новата идеја на премиерот Еди Рама е „дигитален министер“ да се бори со корупцијата и со тоа да го забрза патот на земјата кон ЕУ.

1,248

Албанскиот премиер Еди Рама изненади со идејата за министерство целосно управувано од вештачка интелигенција, оценувајќи ја технологијата како „најефикасен иден член на владата“, јави бриселски Политико.

Тој тврди дека ваков „дигитален министер“ би бил имун на непотизам и на судир на интереси.






– Еден ден, можеби ќе имаме министерство кое е целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин, нема да има непотизам или судир на интереси – рече Рама на прес-конференција.

Албанија креативно ја применува вештачката интелигенција

Владата во Тирана веќе применува алгоритми за следење на јавните набавки, откривање аномалии во даночните и царинските трансакции, како и за надзор со дронови и сателити со цел сузбивање на нелегалната градба и канабис-плантажите.

Покрај тоа, со помош на дронови и сателити се врши надзор за откривање на нелегална градба и плантажи со канабис. Најавена е и употреба на технологија за препознавање на лица за автоматско казнување сообраќајни прекршоци.

Еј Сири, до 2030 година да нема кеш

Паралелно со напорите да применува вештачка интелигенција Албанија веќе некое време силно ги дигитализира владините услуги. Земјата неодамна префрли 95 проценти од сите граѓански услуги онлајн преку портал наречен е-Албанија.

Најавувајќи се на платформата, корисниците се пречекуваат од весел „виртуелен јавен службеник“ со вештачка интелигенција кој им помага да поднесат даночни документи, да преземаат изводи од матична книга на родени и да аплицираат за лиценци и дозволи.

Рама во јули објави дека сака земјата да биде безготовинска до 2030 година, префрлајќи се само на дигитални плаќања. Ова е предизвик бидејќи во земјата често се користи кеш.

Неколку сајбер напади од Иран ја погодија платформата е-Албанија, а некои постари граѓани се мачеа да се справат со неа. Сепак, Рама вели дека таа управувала со околу 49 милиони трансакции за 5 години, заштедувајќи им на 2,4 милиони Албанци во земјата и 2,8 милиони во дијаспората повеќе од 600 милиони евра.

Од европска визија до „големиот брат“ 

Предлогот на албанскиот премиер испраќа сигнал до Брисел дека Албанија е подготвена за модернизација и борба против корупцијата. Но, критичарите предупредуваат дека масовниот надзор без јавен контролен механизам може да ја претвори државата во „голем брат“.

Организациите за човекови права стравуваат дека цената за ефикасноста може да биде губење на приватноста и граѓанските слободи. Идејата за „АИ министер“ можеби е политички перформанс, но примената на вештачка интелигенција во албанската администрација веќе е реалност.

Динамитот на Рама

Ова не е првпат албанскиот премиер да изненади со неконвенционални методи за справување со проблемите.

Неодамна Рама на својот Фејсбук“ рофил објави видео од нова акција за рушење на бесправно изградени објекти со динамит. Според него, ова е продолжение на одлучната битка против дивоградбите кои го загрозуваат и нагрдуваат јавниот простор.

Рама исто така на 12 август изјави дека потпалувачите на пожари во Албанија ќе се третира како убиство, споделувајќи снимка од подметнувањето пожар во Грамш. Во земјата ова лето досега изгореле речиси 34.000 хектари шума.

Изјавата на Рама беше поддржана од министерот за одбрана на Албанија.

 

Поврзани содржини