НА СТРУГА НЕ Ѝ СТАСУВААТ ПАРИТЕ ЗА ШКОЛИТЕ ПОРАДИ НЕДОМАЌИНСКО РАБОТЕЊЕ Мерко остана без пари и ѝ ја префрли сметката на министерката Јаневска

Министерството не може и не треба да ги преземе ингеренциите на Општината. Тоа што Општина Струга се жали дека блок дотациите не ѝ стасуваат, јас сум убедена дека е резултат на недомаќинско работење на градоначалникот, на Општината и на целото раководство - рече министерката Јаневска.

948

Поради недомаќинско работење на градоначалникот Рамиз Мерко и целото раководство во Општина Струга не им стасуваат блок дотациите за основните училишта, смета министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Прашана за коментар по вчерашната објава на Општина Струга дека ги отстапува надлежностите за основните училишта на нејзина територија на Министерството за образование и наука за учебната 2025/2026 година, Јаневска денеска на прес-конференција подвлече дека државата е во процес на децентрализација и оти постојат закони за тоа.






– Министерството не може и не треба да ги преземе ингеренциите на Општината. Ние сме длабоко во процес на децентрализација и општинските училишта се под ингеренција на Општината. Тоа што Општина Струга се жали дека блок дотациите не ѝ стасуваат, јас сум убедена дека е резултат на недомаќинско работење на градоначалникот, на Општината и на целото раководство – рече Јаневска.

Таа потсети на незаконското поставување директори во неколку училишта на територија на општина Струга, а кажа и дека има сознанија за незаконски вработувања и неодобрени паралелки.

– Таму се случуваа незаконски дејствија, незаконско поставување директори. Моите информации велат дека има незаконско вработување во одредени училишта и неодобрени паралелки. Претпоставувам дека сето е тоа во корист на политички цели, а никако во корист на образованието. Тие што ја водат општината треба да се способни со коректно работење да се справат и со проблемите, доколку не се, идат избори па ќе видиме граѓаните што ќе одлучат – рече Јаневска.

Општина Струга вчера на својот профил на Фејсбук објави дека ги отстапува надлежностите за основните училишта на нејзина територија на Министерството за образование и наука за учебната 2025/2026 година поради немање доволно средства за исполнување нормални услови за одвивање на образовниот процес во 12 основни училишта. Во објавата го известуваат Министерството дека од 1 септември 2025 година нема обврска да им испраќа блок-дотации на жиро-сметката на Општината, бидејќи, додаваат, од тој датум сите надлежности за основните училишта ќе бидат во нивни раце.

„Општина Струга, земајќи го сериозно предвид добиениот одговор од Министерството за образование и наука од почетокот на месец мај 2025 година, одлучи да ги пренесе или трансферира сите свои надлежности за основните училишта на територијата на нашата општина на Министерството за образование и наука, од следните причини:

– до крајот на годината остануваат за трошење само 985.304 денари за материјални трошоци, што е недоволно дури и за финансирање или исполнување на нормални услови за одвивање на образовниот процес во 12 основни училишта,

– поради доспеаните долгови, сите училишта ќе добијат опомени пред тужба,

– општината нема можност, согласно законот, да исплати регрес за годишен одмор и јубилејни награди за 2025 година,

– негрижата и незаинтересираноста на Министерството за 70 паралелки значи дека и наставниот и ненаставниот кадар ќе бидат оставени на милост и немилост, со ризик да бидат затворени паралелките и работниците да останат без работа“, е наведено во објавата на Општина Струга на Фејсбук.

 

 

 

Поврзани содржини