НАД 350 ЛИЦА ПОЛАГААТ ЗА ЛИЦЕНЦИ ЗА ВОСПИТУВАЧИ, НЕГОВАТЕЛИ И ЗА ДИРЕКТОРИ По две години застој, се вратија испитите за вработување во градинките
Поради нефункционален електронски систем за полагање голем број на кандидати не можеа да пристапат кон испитот, што предизвика застој токму кога имавме најголема потреба за кадар во градинките, па со законски измени овозможивме стручниот испит да се спроведува и во хартиена форма, вели министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Околу 350 лица денеска полагаат за лиценца за работа како воспитувачи, негуватели, стручни работници, соработници и како директори. Поседувањето ваква лиценца е задолжителен предуслов за вработување во детските градинки.
Процесот на полагање за овие лиценци беше блокиран од 2023 година.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани денеска присуствуваше на полагањето на стручниот испит на Филозофскиот факултет.
– Конечно го одблокиравме процесот на полагање стручни испити за доделување и добивање лиценци за работа во детските установи, процес кој беше во застој од 2023 година. Поради нефункционален електронски систем за полагање голем број на кандидати не можеа да пристапат кон испитот, што предизвика застој токму кога имавме најголема потреба за кадар во градинките на нацинално ниво. За да се надмине овој проблем и оваа ситуација извршивме измени во Законот за заштитата на децата со кој се овозможи стручниот испит да се спроведува и во хартиена форма и тоа до 1 јануари 2026 година. По тој рок процесот за лиценцирање ќе продолжи по електронски пат – рече министерот Лимани.
Тој информираше дека денеска полагаат околу 350 лица. До крајот на овој месец уште 350 кандидати ќе имаат можност да го завршат овој процес и да се стекнат со соодветна лиценца за работа.
Лимани нагласи дека сите пристигнати барања за стекнување со лиценца детално се разгледуваат и дека секој барател ќе биде контактиран од комисијата.