📷 1.500 ТАРАНТУЛИ СКРИЕНИ ВО КУТИИ ЗА БИСКВИТИ ВО ГЕРМАНИЈА Наместо арома на слатки, цариниците почувствувале чуден мирис
Портпаролот на царинската служба во Келн, Јенс Ахланд, изјави дека иако неговите колеги честопати се соочуваат со необични и со забранети пратки од целиот свет, но откритието на околу 1.500 пластични садови со млади тарантули било толку шокантно што дури и најискусните останале без збор.
Предупредување за оние што имаат страв од пајаци: царинските власти објавија фотографии од заплена на околу 1.500 млади тарантули пронајдени во пластични садови, скриени во кутии од чоколадни бисквити, испратени на аеродром во западна Германија, објави Гардијан.
Цариниците изјавија дека пратката била откриена на аеродромот Келн-Бон, во пакет што пристигнал од Виетнам. Портпаролот на царинската служба во Келн, Јенс Ахланд, изјави дека цариниците биле предупредени од „карактеристичен мирис“ кој не наликувал на очекуваниот мирис од 7 килограми чоколадни слатки.
„Моите колеги на аеродромот редовно се изненадени од содржината на забранети пратки од целиот свет, но фактот што најдоа околу 1.500 мали пластични садови со млади тарантули ги остави без збор дури и најискусните меѓу нив“, рече Ахланд во соопштение.
Тој ја нарече заплената „вонредна“, но изрази и тага што „некои луѓе се подготвени да им го прават ова на животните само поради профит“.
Голем дел од суштествата не преживеале при транспортот, што е сомнително кршење на германските прописи за заштита на животните. Преживеаните биле предадени на грижа кај специјализиран чувар, се наведува во соопштението.
Ахланд изјави преку телефон дека моментално се прави проценка на вредноста на пратката.
Против примачот на пратката, кој се наоѓа во регионот Зауерланд, источно од аеродромот, се води кривична постапка – меѓу другото и за неплаќање соодветни увозни давачки и непријавување на стоката кај царината, соопштија властите.
Тарантулите биле откриени пред околу 3 недели, но царината објави фотографии од случајот дури во понеделникот.
Сликите од тарантулите можете да ги погледнете ТУКА ако имате силен желудник и немате страв од пајаци.