🎥 ЧЕТВОРИЦА АСТРОНАУТИ СЕ ВРАЌААТ НА ЗЕМЈАТА Поминаа 18 дена во вселенската станица правејќи научни експерименти
За Индија, Полска и Унгарија, ова беше првата мисија со екипаж по повеќе од 40 години.
Екипаж од четворица астронаути, од Индија, Унгарија и од Полска, предводени од ветеранката на НАСА, Американката Пеги Витсон, ја напуштија Меѓународната вселенска станица вчера наутро и го почнаа своето враќање и пристигнување на Земјата, што се очекува денеска, соопшти компанијата „Аксиом Спејс“ со седиште во американската сојузна држава Тексас.
Капсулата „Кру драгон“, управувана од „Спејс-Икс“, се одвои од МВС додека Станицата беше 418 километри над источниот брег на Индија. Со ова е заклучена последната посета на МВС, организирана од „Аксиом Спејс“, во соработка со калифорниската компанија на Елон Маск, „Спејс-Икс“. Видео преносот во живо ги покажа членовите на екипажот во препознатливи црно-бели вселенски костими врзани во капсулата непосредно пред одвојувањето од станицата. Капсулата безбедно го напушти просторот на МВС со помош на неколку кратки палења на ракетните мотори, пренесе „Еуроњуз“.
Мисијата „Аксиом-4“ беше лансирана на 25 јуни од вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во Флорида. Мисијата е составена од Пеги Витсон (65) од САД, Индиецот Шубаншу Шукла (39), Полјакот Славош Узнански-Вишњевски (41) и Тибор Капу (33) од Унгарија. Тие минаа 18 дена на МВС, спроведувајќи голем број научни експерименти во услови на микрогравитација. За Индија, Полска и Унгарија, ова беше првата мисија со екипаж по повеќе од 40 години.
Доколку сè оди според планот, капсулата треба да влезе во атмосферата на Земјата по 22-часовно патување и да слета со падобран во Тихиот Океан, кај брегот на Калифорнија.
„Аксиом“ е сооснована пред девет години од поранешен менаџер на програмата на МВС на НАСА и е една од неколкуте приватни компании што развиваат комерцијална вселенска станица што ќе ја замени МВС, за којашто се очекува да престане со работа околу 2030 година.