🎥📷 ПЕКОЛ НА КРИТ Пожар кај Јерапетра излегол од контрола, запалени се домови и евакуирани се 3.000 луѓе
Засилен од оркански ветрови, пожарот бргу се проширил на југ. На терен се над 2.700 спасувачи, авиони и хеликоптери кои се борат со огнената стихија, но пожарникарите во моментот не можат да го задржат пожарот и ситуацијата е многу тешка, изјави претставникот од Службата за цивилна заштита, Нектариос Пападакис.
Голем шумски пожар, кој избувна во попладневните часови во среда, продолжува да беснее неконтролирано во близина на туристичката дестинација Јерапетра на грчкиот остров Крит, објави Мирор.
Засилен од оркански ветрови со сила до 8 степени според Бофоровата скала, пожарот бргу се проширил на југ, зафаќајќи домови, апартмани и клучна инфраструктура.
Пожарниот фронт се протега на над 6 километри, а грчките власти се соочуваат со една од најтешките интервенции ова лето. Повеќе од 2.700 пожарникари и спасувачи се распоредени на терен, поддржани од 8 авиони, 12 хеликоптери и од десетици специјализирани возила и цистерни.
– Моментално не можат да го задржат пожарот. Ситуацијата е многу тешка – изјави претставникот од Службата за цивилна заштита, Нектариос Пападакис.
Пожарот избувнал во тешко пристапна шумска област помеѓу населбата Агија Фотија и селото Скинокапсала, на источниот дел од Крит, каде што густа и високо запалива вегетација дополнително го разгорува огнот. Чадот од пожарот се проширил дури до плажата Макри Гиалос, каде што противпожарните служби се обидуваат да го локализираат. Видливоста во поширокиот регион е значително намалена, а според локалните власти, на одредени локации е речиси нулта.
Главниот пат во близина на Агија Фотија бил затворен за сообраќај, а полицијата апелирала до жителите и туристите да се воздржат од непотребни патувања поради опасниот квалитет на воздухот, екстремната топлина и поради пепелта што постојано паѓа од небото. Населбата Агиа Фотија останала и без електрична енергија, јавуваат локални извори.
Масовна евакуација и сместување на граѓаните
До вечерта, над 3.000 жители и туристи се евакуирани од неколку населени места – Ахлија, Агиа Фотија, Галини, Ферма и Куцунари. Дел од нив се сместени во внатрешна спортска сала во Јерапетра, а останатите се распоредени по хотели низ островот.
Снимки, објавени на социјалните мрежи, покажуваат туристи со куфери како бегаат од своите вили и апартмани додека пламенот го осветлува хоризонтот. Пожарот стигнал до самото крајбрежје, предизвикувајќи хаос и паника.
Четворица хоспитализирани, болниците во состојба на готовност
Најмалку четири повозрасни лица се хоспитализирани со проблеми со дишењето поради вдишување чад. Министерството за здравство на Грција ги стави сите болници на Крит во состојба на приправност, објави Би-Би-Си.
Пожарот се одвива во услови на високи температури и силни ветрови, а стрмниот и непристапен терен ја отежнува интервенцијата. Како дел од поширокиот топлотен бран што ја погодува Јужна Европа, порано оваа недела во Турција беа евакуирани повеќе од 50.000 луѓе поради пожар во Измир, додека најмалку шест лица загинаа во Шпанија, Италија и Франција од последиците на високите температури.
🔴GREECE 🇬🇷| #CreteFire : Greek firefighters are on the front lines of a wildfire raging on the popular holiday destination of #Crete island. Acres of forest are burned, homes are threatened. Residents and tourists from at least four settlements on the island have been evacuated. pic.twitter.com/k7MgrKyc9z
— Nanana365 (@nanana365media) July 3, 2025