УДВОЕН БУЏЕТ ЗА НАУКА, ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ И НАЈАВА ЗА ИЗГРАДБА НА НОВИ УЧИЛИШТА Јаневска го презентираше отчетот за првата година од мандатот

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска нагласи дека науката е стратешки приоритет на Владата. Буџетот за научно-истражувачка дејност сега е удвоен, се поддржуваат иновативни проекти преку 3 јавни повици, а земјата стана партнер на Истражувачкиот центар на Европската комисија.

1,937

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на денешната прес-конференција заедно со заменик-министерот, државниот секретар и директорите на Педагошката служба, Бирото за развој на образованието и на Државниот испитен центар, презентираше сублимат од реализираното во првата година од мандатот, нагласувајќи дека Владата ги поставила темелите за квалитетен и конкурентен национален образовен систем.

– Во изминатата една година остваривме голем дел од програмските определби и цели, со што поставивме темели за изградба на квалитетен и на конкурентен национален образовен систем кој ќе овозможи еднаквост, ефикасност, потребно знаење и вештини, синхронизираност со пазарот на трудот и генерално задоволство кај сите чинители на воспитно–образовниот процес – изјави Јаневска.






Таа подвлече дека науката станува стратешки фокус на Владата, дека се вложува двојно повеќе од претходно, што, според неа, покажува дека образованието и науката конечно го добиваат заслуженото внимание како клучни развојни ресурси на државата.

Учебници, плати и дигитализација

Како прв предизвик со кој се соочило Министерството, Јаневска го наведе недостигот на учебници.

– Го надминавме и покрај краткиот рок. Ги испечативме и ги испорачавме веќе одобрените, а изработивме и повеќе нови учебници и наставни материјали за основно образование, по предмети за кои дотогаш воопшто немаше никакво помагало. Испечативме и над 100 нови наслови за средното стручно образование – рече министерката, додавајќи дека постапките за набавка и за печатење на учебниците, што ќе се користат од септември, вклучително и оние по странски јазици кои недостигаа 6 години, се веќе во тек.

Јаневска им се заблагодари на наставниците за нивниот придонес во реформите, најавувајќи дека државата ќе ја продолжи поддршката кон нив.

– Донесовме одлука за етапно, реално покачување на платите на наставниците во период од 4 години. Веќе добија над 12%. Универзитетските професори, пак, од јануари годинава добија зголемување за 14%“ – информираше министерката.

Според неа, значително олеснување е и тоа што наставниците се ослободени од обврската за тројно внесување идентични податоци во електронски дневник, свидетелства и главни книги, со што добиваат повеќе време да се посветат на суштината на наставата.

Нови училишта, сали, студентски домови и фотоволтаици

Јаневска потенцираше дека со 2 милијарди денари се инвестира во изградба на 7 нови училишни објекти, реконструкција на 20 училишта, изградба на 4 спортски сали и обнова на два студентски дома во Скопје. Над 50 училишта ќе добијат фотоволтаици, а до крајот на годината продолжува и изградбата на нови кампуси за ФИНКИ, ФФК, Универзитетот „Мајка Тереза“ и за Медицинскиот факултет во Штип.

– Два процеса, за кои лично многу се залагам, се оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето едносменска работа – додаде таа, објаснувајќи дека тие ќе обезбедат подобра настава, социјализација, заштеда и поефективно искористување на кадарот.

Во моментов 153 училишта веќе функционираат во една смена, а наскоро и уште 6 ќе добијат услови за тоа, посочи министерката.

Поддршка за студентите и фокус на науката

Министерката се осврна и на активната соработка со студентите, при што досега се прифатени десетина нивни барања за подобрување на младинскиот стандард и за проширување на студентските права.

– Науката е наш фокус бидејќи без наука нема развој – истакна Јаневска, објаснувајќи дека буџетот за научно-истражувачка дејност е двојно зголемен и дека сега изнесува 680 милиони денари. Три повици се веќе објавени за финансирање иновативни научно-истражувачки проекти, а Македонија е нов партнер на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

Дополнително, базите со научна литература „Web of Science“ и „Scopus“ сега се бесплатно достапни за сите вработени и студенти на државните универзитети.

Надзор, законски измени, поддршка за талентирани ученици

Државниот просветен инспекторат и службите на МОН за една година направиле над 2.000 надзори. Заради неактивност или непостапување по дадени насоки, затворени се 14 приватни научни институти и високостручни школи.

Во делот на законските измени, воведени се образовни асистенти во средните училишта, зголемена е поддршката за талентирани ученици и наставнички здруженија што организираат меѓународни олимпијади. Воведено е и кариерно насочување за ученици, како и формализирање на образовниот процес во казнено-поправните установи и за лица со надмината училишна возраст.

– Очекувам сите учесници во креирањето и во спроведувањето на промените да продолжат да работат со исто темпо бидејќи е сосем јасно како возвраќа негрижата од минатото – со деца кои се последни на ПИСА тестирањата, универзитети кои ги нема на светските ранг-листи и со научници кои заминуваат да работат за други држави – предупреди Јаневска.

На крајот, министерката се заблагодари и на медиумите за, како што рече, континуираното следење и за укажувањата кои ја подобруваат институционалната ефикасност.

СЕ ГРАДАТ 7 УЧИЛИШТА, 4 СПОРСКИ САЛИ И 2 СТУДЕНТСКИ ДОМА Инвестиции од 2 милијарди денари во образованието

Поврзани содржини