ТРГНА РЕФОРМАТА НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА – ЌЕ БИДЕ ПРОФЕСИОНАЛНА И ОТЧЕТНА Три закони ја поминаа првата фаза во Собранието

Вработувањето во јавниот сектор ќе биде врз основа на заслуги, а не врз основа на познанства, рече министерот за јавна администрација Горан Минчев пред пратенците.

1,649

Собранието денеска даде поддршка на предлог законот за вработените во јавниот сектор, предлог на законот за административни службеници и на предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, сите во прво читање и ги проследи во натамошна собраниска процедура.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев посочи дека пакетот реформски закони за администрацијата се во согласност со Стратегијата за реформи на јавната администрација, Акцискиот план на Министерството за јавна администрација и со Роковникот за европската агенда.






– Овие закони во минатиот период долго беа во европските извештаи и се надевам дека конечно дојдовме до крајот и дека пратениците ќе ги изгласаат – рече Минчев.

Според него, со предлог законот за вработените во јавниот сектор се поставуават темелите за професионализација на јавниот сектор. Ќе се овозможи секој конкурс да биде јавен, а институциите ќе бидат обврзани на целосна транспарентност. Селекцијата ќе се врши низ три јасни доверливи фази: администратина проверка, тестирање и интервју со кандидатот, врз основа на криетриуми.

– Ќе се вработува врз основа на заслуги, а не на познанства – истакна Минчев.

Тој најави централизација и дигитализација на огласите и посочи дека секој оглас за вработување ќе биде објавен на веб страницата на Агенцијата за администрација.

– Борбата против партизацијата е еден од главните фунаменти. Со јасни ограничувања на дискрециските овластувања и со строги правила, го прекинуваме просторот за партиски и за неформални вработувања во јавниот сектор. Се воведува нова специјализирана категорија за ИТ кадарот со повисоки плати и современи услови за работа, се поедноставуваат плановите за вработување и за систематизација, за мобилност за јавните службеници и за унапредување засновано на услуги. Ќе има и увид во привремените вработувања – наведе министерот Минчев.

Во предлог законот за административни службеници, пак, е предвидено да се воведе систем на вработувања со електронски тестови и со практични проверки,. Агенцијата за аминистрацијата како интегрален дел од Министерството за јавна администрација ќе гарантира фер и транспарентен, дигитализиран избор, односно процес кој ќе се снима. Предвидено е и задржување на младите таленти со хибриден и далечински модел на работа, подржан со менторство.

Со законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, меѓу останатото, треба да се овозможи усовршување, што ќе направи учењето да биде задолжително и континуирано. Обучувачи ќе бидат искусни административци со финансиска награда.

Претходно Собранието ги изгласа законите за дигитална трансформација од Реформската агенда: Законот за електронските комуникации, Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, Законот за архивски материјал и архивска дејност. Со овие закони, во согласност со Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, Македонија добива пристап до повеќе од 19 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра се наменети како директна буџетска подршка.

Пратениците го изгласаа и Законот за инспекциски надзор, со кој се укинува Инспекцискиот совет, а се формира колегиум на директори на државни инспекторати како меѓуресорско координативно работно тело.

Изгласани се и изменување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети и во кривична и прекршочна постапка.

Поврзани содржини