ВОДАМ ВОЈНА, НЕ МОЖАМ НА СУД Нетанјаху со ново барање одложување на судењето за скандалот со корупција
Во барањето доставено од адвокатот на Нетанјаху се вели дека премиерот мора да го посвети целото свое време на решавање на национални, дипломатски и безбедносни прашања од најголема важност.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара одложување на судското рочиште за корупција, наведувајќи дека е целосно ангажиран со националната безбедност поради воените судири со Иран и интензивните борби во Газа.
„Со почит го молиме Судот да нареди откажување на рочиштата на кои премиерот требаше да сведочи во следните две недели“, стои во барањето од адвокатот на Нетанјаху. Во него се вели дека премиерот мора да го посвети целото свое време на решавање на национални, дипломатски и безбедносни прашања од најголема важност.
Барањето за одложување доаѓа во време кога Нетанјаху е обвинет за прифаќање на скапи подароци од милијардери – пури, накит и шампањ во вредност поголема од 260.000 долари, како и за обид за влијание врз медиумите во замена за поволно известување. Тој ја негира вината и случајот сè уште е отворен, иако досега неколкупати е одложуван од 2020 година наваму.
Во меѓувреме, поранешниот американски претседател Доналд Трамп му изрази отворена поддршка на Нетанјаху, нарекувајќи го „голем херој“ и барајќи судењето да се откаже или тој веднаш да биде помилуван.
– Ова е лов на вештерки! – напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид веднаш му одговори на Трамп со остро предупредување: да не се меша во внатрешните работи на Израел.
И додека јавноста е поделена, Нетанјаху останува на чело на државата како најдолгослужечки премиер, а случаите против него сè уште висат над неговата политичка иднина.