СКАПО Е, АМА TOA НЕ Е ОД ВЧЕРА Мицкоски вели дека нема девијантни цени, Владата сака реален раст на платитте

Премиерот додаде дека Владата досега применувала „ад хок“ мерки кои, според него, го намалиле растот на инфлацијата. Во моментов, инфлацијата повторно се зголемила и е над три проценти, но целта останува, стабилизација помеѓу два и три проценти.

933

Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју за јавниот сервис изјави дека не постои значително девијантно однесување со цените на пазарот, но призна дека животот е скап и тежок. Како што рече, Владата работи на тоа инфлацијата да се движи меѓу два и три проценти, а платите да имаат реален нето раст од пет до шест проценти.

– Се согласувам со граѓаните дека е скапо и се живее тешко, но тоа не е проблем што е создаден сега, туку нешто што трае со децении. Прашањето е дали како потрошувачи сакаме да учествуваме во овој процес рамноправно со продавачите – доколку нешто е погрешно декларирано, да го пријавиме, бидејќи има каде да се пријави – рече Мицкоски.






Тој додаде дека Владата досега применувала „ад хок“ мерки кои, според него, го намалиле растот на инфлацијата. Во моментов, инфлацијата повторно се зголемила и е над три проценти, но целта останува, стабилизација помеѓу два и три проценти.

– Кога ќе се одземат ефектите од инфлацијата, сакаме платите реално да растат со пет-шест проценти. Тоа можеме да го постигнеме со контроли, здрава бизнис средина, без политички притисоци и со покачување плати каде што е можно – истакна тој.

Премиерот предупреди дека нема инстант решенија и дека промени не се случуваат преку ноќ.

– Дури и ако просечната плата е над 1.000 евра, пак ќе се живее тешко. Но можеме да го ублажиме тоа – и токму тоа го правиме и ќе продолжиме да го правиме – порача Мицкоски.

Тој рече и дека не се согласува со цените што се прикажуваат на пазарите, како тврдењата дека доматите чинат 120 денари – што, според него, можеби било точно пред три-четири недели.

Во делот на транспарентноста и контролата, премиерот најави дека Владата работи на нова апликација за споредба на цени во маркетите. Претходниот модел со прикачување списоци во ПДФ-формат не бил ефективен, призна тој.

– Згрешивме во уредбата. Наместо вистинска транспарентност, маркетите лепеа илјадници артикли во ПДФ на своите веб-страници. Тоа е трик. Не знам зошто имаат потреба од трикови, не сме ние глупави – кажа Мицкоски, најавувајќи бесплатно софтверско решение.

Во врска со земјоделството, премиерот информираше дека се исплатени над девет милијарди денари субвенции – заостанати и тековни, а мерките, како што рече, ги стимулирале откупните цени за земјоделците.

– Порано се договараа со откупувачите, им дозволуваа монопол и им нудеа ниски цени. Сега не се договараме со нив, туку ги притискаме да дадат повисоки цени – изјави тој.

Како показател за успехот, Мицкоски го посочи соодносот меѓу импутот (трошоците) и аутпутот (продажната цена).

– Импутот е зголемен за 2%, а аутпутот за 11%, што е петпати повеќе. Тоа го покажуваат податоците на Заводот за статистика и тоа е резултат на новиот пристап – заклучи премиерот.

Поврзани содржини