НИШТО НЕ СМЕ СЕ ЗАДОЛЖИЛЕ, НАПРОТИВ СЕ РАЗДОЛЖУВАМЕ Премиерот Мицкоски ги отфрли обвинувањата за наводниот долг

Според Мицкоски, паралелно со растот на БДП, ќе се активираат и обврските, а повлекувањето на средствата ќе биде контролирано и рационално, без да се наруши фискалната стабилност на земјата.

574

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за емисијата „Објектив“ на Македонската телевизија ги отфрли обвинувањата дека најновиот договор со Обединетото Кралство ќе го зголеми државниот долг. Напротив, тој увери дека долгот е намален и дека државата се раздолжува.

– Македонија не е ништо задолжена, туку напротив, ако ги гледате податоците, долгот е намален – рече Мицкоски, одговарајќи на критиките за новите заеми поврзани со британскиот финансиски пакет.






Објаснувајќи ја динамиката на проектите што ќе се реализираат со тие средства, Мицкоски потенцираше дека плаќањата нема да започнат веднаш, туку откако ќе започне реализацијата на проектите.

– Теоретски, утре да почнеме да градиме, првата фактура ќе пристигне во 2027. Колку побрзо и поефикасно ќе градиме, толку ќе расте и нашиот БДП, бидејќи во градежништвото барем трипати се вртат парите. Расте градежништвото, расте индустриското производство, растат услугите – појасни тој.

Според Мицкоски, паралелно со растот на БДП, ќе се активираат и обврските, а повлекувањето на средствата ќе биде контролирано и рационално, без да се наруши фискалната стабилност на земјата.

– Ние нема да ги повлечеме средствата за да стојат на сметка, па одеднаш да го зголемиме долгот, туку тоа ќе оди паралелно со економскиот раст – потенцираше тој.

Мицкоски исто така најави намалување на долгот до крајот на годинава и потсети дека се вратени стари долгови направени од претходната влада.

– Државата е раздолжена со неколку проценти, споредено со тоа што го затекнавме. Вративме обврзница од половина милијарда евра што ја земала претходната влада на СДСМ во 2018 година. Сето тоа е направено транспарентно – рече премиерот.

Тој објасни и како функционира механизмот за финансирање преку „UK Export Finance“, истакнувајќи дека се работи за поволни услови, благодарение на добриот кредитен рејтинг на Обединетото Кралство.

– Министерството за транспорт доби барање од МЖ Транспорт и Инфраструктура, кои се обратија до Министерството за финансии, кое пак доби задолжение од Владата. Условите беа понудени на 20-тина финансиски институции и ќе се изберат најдобрите. Ако ние сами ги земеме парите со нашиот кредитен рејтинг ББ-стабилен, ќе вратиме можеби 75% низ камати. Но, со тоа што Велика Британија гарантира со својот ААА рејтинг, ние добиваме услови два до трипати поповолни – заклучи премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини