ЌЕ ГИ ИСПРАТИ ЛИ СУДОТ ДОЖИВОТНО ЗАД РЕШЕТКИ УБИЈЦИТЕ НА ВАЊА И НА ПАНЧЕ? Пресуда за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, како и за таткото Ѓорчевски

Последниот збор во првостепената судска постапка денеска го има судијата Ивица Стефановски, кој ќе ја изрече долгоочекувана пресуда за тешките убиства. Но, и покрај крајот на оваа фаза, во јавноста гори впечатокот дека во овој случај не е кажана целата вистина.

1,841

Судијата Ивица Стефановски денеска во Кривичниот суд ќе ја изрече пресудата за едно од најтешките злосторства во Македонија – за грабнувањата и за ладнокрвната ликвидација на велешанецот Панче Жежовски (74) и на девојчето Вања Ѓорчевска (14) од Скопје, извршени на 22 ноември и на 27 ноември 2023 година. За свирепите злосторства им се суди на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо од Скопје и на неговите сопартијци Велибор Манев и Боре Видевски од Велес и на Влатко Кешишев од Штип. Петтообвинет во предметот е Александар Ѓорчевски, кому му се суди за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.

Во завршните зборови застапничките на обвинението, обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска побараа судот да им пресуди доживотен затвор на четворицата обвинети за убиствата, а на таткото да му пресуди соодветна затворска казна.






Бранителите на обвинетите побараа ослободителни пресуди за своите клиенти.

Измешани емоции на тага, болка, ужас, лутина…

По речиси 40 рочишта, судењето кое траеше 10 месеци стигна до крајот. Процесот беше исклучително тежок, на моменти многу емотивен, особено кога се изнесуваа деталите од злосторството врз детето Вања. Нејзините последни часови од животот беа детално опишувани и од обвинителките и од убијците.

Вања Ѓорчевска, девојче кое било плашливо и мирно, и кое растело под будното око на родителите Зорица и Александар, сурово е оттргната од семејството, а потоа и од овој свет. На убијците ништо не им значеле нејзината младост, нејзините солзи и молбата да ја остават да живее. Според признанието на Манев и на Кешишев, Палчо ладнокрвно ја убил со пиштол. Истрелал куршум во нејзината глава, додека таа клечела на колена, со врзани раце и нозе, беспомошна, без можност да се одбрани – во состојба на избезуменост, паника и огромен страв. Била свесна дека ќе умре, дека младоста ќе ѝ ја однесат четворицата бездушни мажи кои никогаш претходно не ги видела во животот.

Утрото, како што раскажа мајка ѝ Зорица во писмено обраќање до судот, Вања со песна тргнала на училиште, но пред лифтот ја чекале грабнувачите Манев и Видевски. Наместо во училишната клупа, завршила врзана, со залепена уста и стрпана во вреќа за спиење, па во гепекот на „цитроенот“ на убиениот Панче Жежовски. Само таа знае што ѝ минувало во мислите додека киднаперите ја возеле кон Скопска Црна Гора, во атарот на селото Бразда. Кога убиецот Палчо ја прашал кои ѝ се мајка и татко, тоа можеби за миг ѝ дало надеж дека ќе живее, но тој немал милост.

Фото: Плусинфо

Неговите потчинети слуги, Манев, Видевски и Кешишев не сториле ништо за да го спречат. Палевски 5 дена претходно ладнокрвно го убил Жежовски, а тројцата, иако знаеле дека може да убие пак, не презеле ништо против него. Наводно, само го замолиле да не ја убива. Да сакале, можеле да го совладаат и да го спасат детскиот живот. Но, во злосторството тргнале за да земат пари и не планирале да го лутат опасниот „шеф“.

„Одземање живот на дете не се толерира“

Токму овие околности се причина што Обвинителството бара доживотен затвор за сите четворица.

– Сите докази со логична анализа потврдуваат дека обвинетите ги сториле делата. Долго и темелно се подготвувале. Примарната цел е Вања, сржта се парите, а Панче е средство за остварување на целта. Во нивната умисла е да земат пари. Тие притоа биле согласни со сите последици. Не случајно е одбран Панче, мислеле дека додека сфатат дека го нема, тие ќе ги скријат трагите. Им требал неговиот „цитроен“ со голем гепек. Намерно, целно и умислено го сториле злосторство. Дрскоста е дополнителна што го сториле среде бел ден. Што сакале да постигнат, супериорност? По злосторот ги скриле сите траги, го уништиле и пиштолот. Делата се сторени со умисла, со намера. Жртвите се грабнати на ист начин – загрозени, врзани, во страв. Овие стресови се катастрофална траума од висок интензитет, двете жртви претрпеле тешко страдање. Можеме да претпоставиме колкаво било страдањето на детето со четворица непознати. Кои ја носат некаде и ја убиваат. Самиот факт дека таа е дете од 14 години е доволно за доживотен затвор – рече обвинителката Стојковиќ Димитровска во завршниот збор.

Фото: Плусинфо

Таа додаде и дека не е нужно да се утврди мотивот, за да се докаже нечија вина.

– Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен затвор. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. За сите четворица ЈО бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира – рече обвинителката.

ЈО како докази ги има признанијата на Кешишев и на Манев, телата на убиените, ДНК од Манев на лентата со која била залепена устата на Вања, ДНК од Манев, Кешишев и Видевски во второто возило што е користено – „рено кангу“, бегството на Палевски, видеоснимки од полициски и приватни камери на кои се гледа движењето на „реното“ и на „цитроенот“ пред и по убиствата, како и снимки од пред куќата на Манев во Велес на кое се гледаат обвинетите како се подготвуваат за злосторствата користејќи реквизити за грабнување – радиостаници, туби за бензин, лопати, алат за копање итн.

Бранителите ги бранеа, но некои злосторства се неодбранливи

Адвокатите на обвинетите бараа ослободителни пресуди од судот од обвиненијата за убиствата.

Горан Бошевски и Игор Ефремов, адвокати на Манев и на Кешишев побараа да им биде пресудено само за грабнувањата, а не и за убиствата. Тие аргументираа дека Манев и Кешишев не знаеле дека ќе бидат извршени убиства, односно, дека се договарале со Палевски и со Видевски да се извршат само грабнувања и да се бара откуп од семејствата на грабнатите. Токму Манев и Кешишев во детали раскажаа пред судот на кој начин се извршени злосторствата. Тие претходно, во истрагата, ги однесоа полициските инспектори до местата Кула во Велешко и Дупки во Скопско, каде ги закопале телата на Панче и на Вања по злосторствата.

Фото: Плусинфо

Бојан Манев адвокат на Видевски побара целосно ослободителна пресуда. Видевски пред судот ги негираше делата, а Манев го бранеше својот клиент со тезата дека обвинението е конструкција.

И Јовица Страшевки, адвокат на првообвинетиот Палевски побара ослободителна пресуда. Според него, Обвинителството не успеало да го докаже обвинението. Тој истакна дека нема никакви директни докази дека Палчо ги организирал киднапирањата и дека пукал во жртвите. Тој најави жалба на пресудата, за која рече дека очекува да падне на Апелација од повеќе причини, меѓу кои и поради прекршување на Законот за кривичната постапка.

Самиот Палчо, пак, тврдеше дека обвинението е политичка конструкција против него и дека ЈО извршува наредби, за да го сместат зад решетки. Во својот завршен збор рече дека останатите тројца се извршители, а тој е невин.

– Манев е организаторот, Видевски е пукачот, а Кешишев е стражарот – обвини Палевски.

Обвинителството немаше докази за вината на Александар

Посебна приказна во овој предмет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој е обвинет дека му одал информации на Палевски кога Вања ќе оди сама на училиште. Односно, откако грабнувачите не успеале да ја грабнат во првиот обид, во петокот на 24 ноември 2023 година, за време на викендот Палчо добил информација од Александар дека Вања, по исклучок, и во понеделник ќе оди сама на училиште.

Но, токму тој клучен момент – дека Александар комуницирал со Палчо, Обвинителството не го докажа. Напротив, обвинителките отворено рекоа пред судот дека немаат доказ за таква комуникација, но додадоа и дека Палевски најверојатно тој разговор го избришал. Но, не рекоа дека Александар нешто бришел во своите комуникации. А не поврзаа ниту дека нивните телефони се форензички вештачени, па дури и да биле бришени таквите комуникации, ќе се нашла трага од нив.

Фото: Плусинфо

Згора на тоа, четворицата ликвидатори на Вања пред судот изјавија дека не го познаваат Александар. Манев, Видевски и Кешишев сведочеа дека го посочиле Александар во полициска станица под силна тортура од страна на полициските инспектори. Рекоа дека многу биле тепани, токму со цел да кажат дека Александар му одал информации на Палевски. За да го спречат силниот ќотек, тројцата кажале дека и Александар е вмешан.

Како „доказ“ против Александар обвинителките го користеа неговото далечно минато – успехот на училиште и пороците од младоста. Главен аргумент им беше дека Александар им бил сомнителен на полицајците, па ги донесоа инспекторите Музафер Каришиќ и Дејан Димовски да сведочат дека таткото се однесувал чудно и велел дека Вања е киднапирана.

Бранителот Владимир Туфегџиќ рече дека Александар не се однесувал чудно, туку логично, односно правел сè за да го најде своето дете – вршел сопствена истрага и со прегледување на снимките од околните камери, со пријателот Гоце Трајковски практично го решил случајот пред полицијата. Туфегџиќ рече дека очекува ослободителна пресуда за Ѓорчевски, но и дека очекува истрага за кривичното дело тортура врз неговиот клиент.

Последниот збор на судијата нема да е последен збор и во случајот

Последниот збор во првостепената судска постапка денеска го има судијата Ивица Стефановски, кој ќе ја изрече долгоочекувана пресуда за тешките убиства.

Но, и покрај крајот на оваа фаза од кривичната постапка, во јавноста гори впечатокот дека во овој случај не е кажана целата вистина. Судењето откри многу пропусти во работата на полицијата и слабости на Јавното обвинителство. Освен што не е докажан мотивот „користољубие“, затоа што никој не барал пари за детето, а убијците немале испланирано место каде да ја чуваат додека чекаат пари, полицијата и обвинителството не се потрудија ниту да го најдат пиштолот со кој е пукано во Панче и во Вања, како и да откријат дали имало и други соучесници во ова злосторство и дали извршиле и други злосторства.

Во судот не се покажаа видеоснимките од бензинската пумпа на Лукоил во Велес, која јавноста претходно ја виде, на која се гледа убиениот Жежовски, наводно на денот на неговото грабнување, а која беше спомената во исказите на полициските инспектори и на други сведоци.

Фото: Плусинфо

Крстевска Јосифовска и Стојковиќ Димитровска тврдеа дека имаат доволно докази дека тие се сторители и без да го најдат оружјето. Но, не го бараа ниту кога второобвинетиот Манев во исказот пред судот во март годинава откри дека оружјето го дал на уништување на семеен човек од партијата, чие име нема да го каже во тој момент. Манев практично ги присили да го бараат кријачот на пиштолот кога во завршниот збор го откри неговото име – Зоран Давитков, техничар во Народната банка, па се поставува прашањето што ако Манев не го споменеше името. Против Давитков сега ЈО води посебна постапка за помагање при грабнувањата и убиствата.

Поврзани содржини