„ГО ВИДОВ, НО ПОВЕЌЕ НЕ МОЖАМ“ Бриаторе не може да се помири со состојбата на Шумахер

Поранешниот шеф на Михаел Шумахер ги потресе фановите ширум светот со емотивни изјави за состојбата на легендата од Формула 1.

298

Блискиот пријател и поранешен шеф на Михаел Шумахер, Флавио Бриаторе, ги потресе фановите ширум светот со емотивни изјави за состојбата на легендата од Формула 1. Шумахер, кој во декември 2013 година доживеа тешка повреда на мозокот при скијање, и по 12 години е во тешка состојба, далеку од очите на јавноста.

Неговата сопруга Корина и понатаму ги чува деталите за неговата здравствена состојба во најголема тајност, пренесува британскиот Мирор.






Според познатите информации, само неколкумина имале можност да го посетат по несреќата. Михаел и натаму има потреба од постојана грижа. Флавио Бриаторе, кој го донесе Шумахер во тимот на Бенетон и му помогна да освои две светски титули, е еден од ретките што го виделе по трагичниот инцидент.

Запрашан за состојбата на седумкратниот шампион, Бриаторе за „Кориере дела Сера“ изјави:

„Кога ги затворам очите, го гледам како се смее по победата. Претпочитам да го паметам така, отколку да го гледам како лежи во кревет. Често разговарам со Корина“.

Шумахер по падот на скијање беше во медицински индуцирана кома 250 дена, по што се врати дома каде продолжи да се лекува во приватност. Иако информациите се ретки, Корина откри неколку детали во документарниот филм Шумахер на Нетфликс во 2021 година.

– Ми недостига Михаел секој ден. Но, не сум единствената. И децата, и неговото семејство, и неговиот татко… сите го сакаат. Тој е тука. Различен, но тука. Тоа ни дава сила. Живееме заедно, одиме на терапии, правиме сè што можеме за тој да се чувствува подобро – изјави Корина.

Таа додаде дека за неа е најважно Михаел, и покрај се, да може да ужива во својот приватен живот колку што е можно повеќе:

– Тој секогаш нè штитеше нас, а сега ние го штитиме него – рече Корина.

Поранешниот претседател на Ферари, Жан Тод, кој беше дел од златната ера на Шумахер кога освои пет последователни титули, исто така имал можност да го посети.

Во интервју за „Л’Екип“ во 2023 година, Тод рече:

„Михаел е тука, па не ми недостига. Но, тој едноставно не е истиот Михаел што беше порано. Тој е различен. За него прекрасно се грижат неговата сопруга и децата. Неговиот живот е променет. Имам привилегија да споделувам моменти со него, и тоа е сè што може да се каже. За жал, судбината го удри пред 10 години. Тој повеќе не е Михаел каков што го знаевме од Формула 1“.

Поврзани содржини