Ветриштата на национализмот во ЕУ

Данската министерка Бјер, во пресрет на преземањето на претседавачкиот мандат со ЕУ, ги стави балканските земји кандидатки за членство во втор план на евроинтеграциите. Не објаснувајќи притоа дали станува збор за нејзино убедување, или, пак, за непремостливата пречка да се надминат егоистичните национални интереси и во таа смисла да се верува дека постигнување согласност меѓу членките на ЕУ сепак ќе биде можно во догледна иднина.

402

„Национализмот и егоизмот никогаш повеќе не смеат да цветаат во Европа. Толеранцијата и солидарноста се нашата иднина“. Со вакви пораки поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, како една од многуте европски лидери во последните години, застануваше во одбрана на заложбите и идејата дека ЕУ е „нашата најдобра шанса“ за мир, просперитет и добра иднина.

Но, сепак, се чини дека единствената идеологија што доби на сила во последните петнаесет години е токму национализмот, кој продолжува да се нормализира преку формите на своето дејствување во голем број европски земји. Со својата недоверба кон „глобализмот“ и либералните вредности. Против мултикултурното општество и движењето на луѓето преку границите.






А токму отворањето на границите беше повеќедецениската симболика која извираше од соработката и интеграциските заложби во рамки на ЕУ. Егоизмот и спротивставените националистички интерси се сериозна пречка за натамошното ЕУ-проширување, без оглед на континуитетот на декларативни изјави со кои се прави обид за внесување оптимистички сигнали.

„Знам дека е многу тешко. А можеби и не може да се спроведе. Но, мора да продолжиме“, рече деновиве данската министерка за европски прашања Мари Бјер, укажувајќи на блокирањата на ЕУ-проширувањето. Презентирајќи ги приоритетите на Данска, која ќе ја преземе претседавачката палка со ЕУ на 1 јули годинава, Бјер го нагласи и фокусот токму на натамошниот процес на проширување.

Проширувањето на ЕУ е тесно поврзано со безбедносната агенда. Данска сака да се залага за отворање на преговарачките поглавја пред сѐ со Украина и со Молдавија, а, како што рече Мари Бјер, и со земјите од Западен Балкан, но забележува дека процесот е долг и бара единство меѓу земјите-членки. Единство кое и понатаму го нема. Списокот на прашања од кои произлегуваат блокади на тековните преговори за членство, поврзани со национални интреси на одделни членки, е мошне долг.

Во Европа се шири национализам кој верува дека сопствената култура и историја се супериорни во однос на сите други и дека е мошне тешко да се живее заедно доколку не се поаѓа од заедничка културна основа.

Национализмот најчесто води во беспаќе. Посебно во општества каде што тешко се наоѓа мерка и се воспоставува соодветна рамнотежа меѓу егалитарните и индивидуалистичките интереси, меѓу колективните проекти и личната автономија. На многу места во Источна Европа долготрајната транзиција сè уште не ги дава очекуваните резултати од еманципацијата на граѓанското општество. Во развиените западноевропски земји изградбата на социјален систем на благосостојба значајно го олеснува ослободувањето од зависна положба, на пример во однос на семејството и роднините, но напоредно на тоа не се оспорува чувството на припадност кон „општеството“. Таквите тенденции во последно време добиваат мошне силен израз во западна Европа.

Национализмот апсорбира енергија од историските искуства. Но, општеството е постојано во промена, така што единствената национална супстанца, „суштина“ на која се повикуваат националистите, тешко може да се фиксира вон просторната и временска рамка. Бугарите, слично на Грците, настојуваат во темелите на европските интеграции да вградат сфаќања и претстави за сопствената историски идеална нација, односно за „оригиналот“ што не може да се фалсификува од страна на соседите. Таквата Бугарија, за која се пропагира во Софија, е фикција, пренесена во фантазијата на минатото и во сонот на иднината.

Токму од таква гледна точка може поблиску да се разбере силното, но селективно интересирање за историјата и кај другите балкански народи. Како што некој мудро забележал, во претставите и сфаќањата на националистите историјата е пролог за партиска програма или би требало  во секој случај да биде тоа.

Затоа не е премногу за чудење дека националисти ширум Европа, не само на Балканот, се обидуваат на различни начини да ја „коригираат“ и одново да ја напишат историјата, да воспостават контрола врз неа, да ја направат многу повеќе „своја“, отколку што таа навистина може да биде таква. Ниедна нација во Европа не е изградена врз „вистински“ идентитет, култура или историја, без митолошки или политички претстави и сфаќања.

На најширок план, по кризите што во последните години ја погодија ЕУ, политичкиот развој го обележаа националистички и популистички реакции. Посебно преку зајакнување на националистичкиот поглед кон идентитетот, што често резултира со тоа што многумина стануваат помалку толерантни кон културната разновидност. Националистичката идентитетска политика претставува сериозна кочница пред идниот развој на ЕУ, бидејќи е во спротивност со индивидуалните права, демократијата и наддржавните решенија, што функционираат преку националните граници.

Пошироката слика за проширувањето на Унијата не може да се сведе само на територијален аспект, бидејќи ЕУ, гледано низ стремежот кон евроинтеграциите, во добар дел го опишува Балканот, но едновремено го дефинира и европскиот имагинарен идентитет. На таков начин се создава и ментално повлекување граници, бидејќи тоа подразбира последици за балканските земји, за кои се смета дека мошне тешко ќе можат да го достигнат степенот на развој каков што го бара западноевропската норма.

Данската министерка Бјер, во пресрет на преземањето на претседавачкиот мандат со ЕУ, ги стави балканските земји кандидатки за членство во втор план на евроинтеграциите. Не објаснувајќи притоа дали станува збор за нејзино убедување, или, пак, за непремостливата пречка да се надминат егоистичните национални интереси и во таа смисла да се верува дека постигнување согласност меѓу членките на ЕУ сепак ќе биде можно во догледна иднина.

Поврзани содржини