ТЕЛЕКОМ ВГРАДИ СИСТЕМ ЗА РАНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ВО РУДНИКОТ „САСА“ Преку звучни сигнали ќе се известат сите за можни опасности

Системот, којшто е инвестиција на рудникот „Саса“, е имплементиран од Македонски Телеком и е дел од националниот систем за тревожење со кој управува Центарот за управување со кризи (ЦУК).

82

Во рудникот „Саса“ во Македонска Каменица поставен e современ систем за рано предупредување, со којшто дополнително се зајакнува превенцијата од потенцијални опасности кои можат да го загрозат живот и здравјето на луѓето и материјалните добра.  Целта е да се намали ризикот од катастрофи и непредвидени настани и да се овозможи поголема контрола преку навремено предупредување. Системот, којшто е инвестиција на рудникот „Саса“, е имплементиран од Македонски Телеком и е дел од националниот систем за тревожење со кој управува Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– Ни претставува големо задоволство што со нашето решение имаме можност да придонесеме за поголема безбедност на нашите граѓани. Рудникот „Саса“ е првиот којшто ќе го користи овој систем но, според потребите, тој може да биде имплементиран и во други рудници. Ова е вистински пример за тоа како технологијата придонесува за подобар живот и поздрава животна средина – изјави Марјан Богатиновски, главен комерцијален директор за деловни корисници во Македонски Телеком.






Овој систем ќе им овозможи на одговорните да се подготват и соодветно да дејствуваат за да се намали можноста од штета или загуби. Неговата примарна цел е преку звучни сигнали навремено да ги извести сите, вклучувајќи ги и жителите на населбите во близина на рудникот, за потенцијалните опасности предизвикани од различни причини и природни непогоди.

– Ова е чекор за поздравување и добар пример што треба да го следат и другите компании и институции во земјата коишто вршат слична дејност. Новиот систем за рано предупредување ќе придонесе за намалување на ризиците од инциденти и кризни ситуации коишто можат да го загрозат животот, здравјето и безбедноста на вработените, како и на населението во околината на рудникот. Имавме успешна симулациска вежба за тестирање и системот на која присуствуваа и членови на Институтот за кризен менаџмент, кои ќе направат евалуација на системот, кој и официјално станува дел од националниот систем за тревожење – изјави директорот на ЦУК, Мухамед Аљи.

– Ние во „Саса“ се водиме според принципите на одговорно рударство, a наш приоритет број еден е да обезбедиме највисоко ниво на безбедност. Овој систем помага да се постигне токму тоа, со тоа што рано ја предупредува заедницата за какви било природни кризни ситуации и покажува грижа за луѓето, нивната безбедност и благосостојба, како и за заштитата на животната средина – истакна генералниот директор на Рудник „Саса“, Кристофер Колбурн.

Поврзани содржини