ОПАСНА Е ОДЛУКАТА НА ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ Песков го коментира зеленото светло на Мерц за проектилите за Украина
Тоа е прилично опасна одлука, наведе портпаролот на Кремљ откако претходно германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека по Велика Британија, Франција, САД, сега и Германија ги укинува ограничувањата за дострелот на нивното оружје испорачано во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека одлуката на повеќе европски држави да го суспендираат ограничувањето на дострелот на ракетните напади на Украина врз руска територија е потенцијално опасна и е спротивна на обидите за постигнување решение.
– Одлуките, доколку навистина се донесат такви одлуки, се апсолутно спротивни на нашите аспирации за постигнување политичко решение и напорите што моментално се вложуваат во рамките на тоа решение. Тоа е прилично опасна одлука – наведе Песков.
Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел.
– Велика Британија, Франција, САД, а сега и Германија, ги укинаа ограничувањата за дострелот на нивното оружје испорачано во Украина, што значи дека Киев сега може да напаѓа позиции на руска територија со оружје со долг дострел – посочи Мерц.
Тој додаде дека „Украина сега може да се одбрани, на пример, со напаѓање на воени позиции во Русија“.
– До неодамна, таа не можеше да го направи тоа, освен во многу ретки случаи, а не го правеше тоа – посочи Мерц.
Украина претходно доби ракети со долг дострел од САД, Велика Британија и Франција, меѓи кои и АТАКМС, „Сторм шедоу“ (Storm Shadow) и СЦАЛП, но првично ѝ беше дозволено да ги користи само против руските воени сили на окупираните украински територии.
Дури кон крајот на 2024 година, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и другите сојузници ги ублажија ограничувања, дозволувајќи ѝ на Украина да користи ракети со долг дострел против руски воени цели во пограничните региони.
Мерц, пред да стане канцелар најави дека ќе ја укине забраната на својот претходник Олаф Шолц за испорака на германските крстосувачки ракети „Таурус“, кои имаат дострел од 500 километри. Сепак, откако ја презеде функцијата, тој не потврди дали на Украина ќе и бидат испорачани ракетите „Таурус“.