ГЕРМАНИЈА ЈА ВРАЌА НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА ВО ИГРА Не ги обновува нуклеарките, ама ќе инсталира мали модуларни реактори

Берлин повеќе нема да ги блокира француските иницијативи за еднаков третман на нуклеарната енергија со обновливите извори во законодавството на Европската унија.

926

Германија го напушти долгогодишното противење на нуклеарната енергија, што претставува значаен чекор во зближувањето на новата влада на канцеларот Фридрих Мерц со Франција. Берлин повеќе нема да ги блокира француските иницијативи за еднаков третман на нуклеарната енергија со обновливите извори во законодавството на Европската унија.

Со оваа радикална промена во политиката на Берлин  се решава долгогодишно недоразбирање меѓу двете земји, кое го отежнуваше донесувањето одлуки за енергетската политика на ЕУ, особено за време на кризата предизвикана од руската инвазија на Украина, пишува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на изјави на француски и германски функционери.






– Германија ни кажува: ќе бидеме многу прагматични во врска со нуклеарната енергија – изјави висок француски дипломат вклучен во преговорите.

Ова значи дека „сите предрасуди против нуклеарната енергија, кои сè уште се присутни во законодавството на ЕУ, ќе бидат отстранети“.

– Сега конечно сме отворени за разговори со Франција за нуклеарно одвраќање за Европа. Подобро доцна отколку никогаш – изјави германски функционер.

Промената во ставот на Германија за нуклеарната енергија е дел од напорите на Мерц да ја оживее француско-германската соработка, клучна за донесување важни одлуки на ниво на ЕУ.

Иако нема планови да ги рестартира старите нуклеарни централи, Мерц вети инвестиции во нови технологии, како што се мали модуларни реактори и нуклеарна фузија, која не произведува долготраен нуклеарен отпад.

Германија, која минатата година добиваше повеќе од 60% од својата електрична енергија од обновливи извори, долго време се спротивставуваше на француските напори нуклеарната енергија да се означи како „зелена“. Франција, пак, произведува околу 70% од својата електрична енергија од нуклеарни централи.

Германија под водство на Ангела Меркел од  2011 година ја напушти нуклеарната енергија. Во време на претходниот канцелар Олаф Шолц  беа затворени последните три нуклеарни централи во Германија.

Сега Австрија останува единствената земја-членка на ЕУ која останува силно против нуклеарната енергија. Земји како Холандија и Белгија ја обновија својата поддршка за нуклеарната енергија, и покрај претходните планови за затворање на реакторите.

 

Поврзани содржини