ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ЗА СИТЕ 37 ЦЕНТРИ ЗА СОЦИЈАЛНИ РАБОТИ По пукањето во прилепскиот центар, 60 обезбедувачи ќе ги чуваат вработените

Очекуваме дека ќе биде избран оператор кој ќе ги опслужува сите центри во Македонија, 37 установи. Се бара да бидат постојано ангажирани 60 лица од компанијата која ќе ги обезбедува нашите објекти, вели Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади.

213

За еден месец 37-те центри за социјални работи и канцеларии во државава ќе добијат  обезбедување за нивната сигурност. Заврши јавната набавка на Министерството за социјална политика. Оваа постапка се забрза откако пред месец и половина во просториите на прилепскиот Центар за социјални работи еден корисник влезе вооружан и со пиштол рани социјална работничка и им се закани на вработените.

– Очекуваме дека ќе биде избран оператор кој ќе ги опслужува сите центри во Македонија, 37 установи. Се бара да бидат постојано ангажирани 60 лица од компанијата која ќе ги обезбедува нашите објекти. Со тоа го реализираме она ветување кое го имавме да центрите кои се соочуваат реално при ситуации кога со граѓани кои имаат постојано потреба од нашите услуги, а со дел од нив, за жал, има таков тип на инциденти. Еден, за жал, се случи токму во Центарот за социјални работи во Прилеп. Деновиве ќе ја имаме компанијата во евалуација, а потоа очекуваме и договори и за еден месец би имале финален договор со самата компанија која ќе биде избрана – рече Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади при посетата на Прилеп.






Според Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјални работи во Прилеп, со обезбедувањето сите ќе се чувствуваат посигурно.

– Ќе ја видиме на крајот и фирмата која ќе биде избрана како најповолна. Јас сум убеден дека ќе се чувствуваме колку-толку побезбедно кога ќе знаеме дека некој ќе врши селекција на странките, или да има овластување, а кое ние го немаме, во однос на тоа кој што носи и ќе се допушта влегување во канцеларии исклучиво со покани за разговор, и покрај тоа што Центрите за социјална работа, според мене, се најдосапни за граѓаните и треба така да биде зашто доаѓаат категории на луѓе со најразлични проблеми. По ваквите збиднувања сега се увиде потребата дека навистина веќе никој никаде не е безбеден во делот на својата работа. Сакам моите колеги да се чувствуваат безбедно во осумте часа на работното место и сум убеден дека ова ќе придонесе кон наша поголема безбедност, сигурност на работното место – вели Малкоски.

Во прилепскиот Центар голем дел од вработените изминатиот период користеа боледувања по препорака на психијатар и психолог, но работните задачи, велат од Центарот се одвивале непречено.

– Во изминатиот период од месец и половина, најголемите последици ги почувствува колешката што беше ранета и се опоравува, а дел од колегите по препорака на психијатар и психолог користеа подолготрајни боледувања. Постепено се консолидираме и непречено на граѓаните им ги нудиме сите услуги – заклучува Малкоски.

Вооружаниот инцидент во прилепскиот Центар за социјални работи се случи на 24 март. Според прилепското Основно јавно обвинителство, за случајот сѐ уште е во тек истражната постапка и не е покренато обвинение. Осомничениот прилепчанец е во притвор.

Поврзани содржини