ПУТИН Е ФОКУСИРАН НА ТРАМП, А НЕ НА ЗЕЛЕНСКИ Зошто одеднаш Русија сака директни преговори со Украина?

Важно е да се разбере дека на претседателот на Русија, Владимир Путин, не му се потребни преговори со Зеленски. Оваа војна не е пред сè против Украина, туку против САД преку Украина - битка против глобалната доминација на САД. Затоа Путин нема интерес за преговори со Зеленски, тој всушност сака разговор со лидерот на САД, Доналд Трамп, смета поранешниот руски дипломат Борис Бондарев.

1,403

Предложениот состанок на претседателот на Русија, Владимир Путин, меѓу руски и украински преговарачи во Истанбул во четврток би можел да ги означи првите директни разговори меѓу двете страни од првите недели на целосната руска инвазија.

Украина предупреди дека одбивањето на Путин да се сретне со својот колега Володимир Зеленски во Турција ќе биде сигнал дека Москва нема вистинска намера да ги прекине воените дејствија.






Иако Путин инсистираше дека Москва „никогаш не одбила дијалог со украинската страна“, експерти и јавни личности предупредуваат дека неговиот обновен интерес за дипломатија може повеќе да има цел да ја обликува глобалната перцепција, отколку вистинска намера да се стави крај на војната, се наведува во анализа на Москов тајмс.

Русија се плаши дека едноставен прекин на огнот може да ѝ даде предност на Украина

Аналитичари сметаат дека предложениот состанок оди во прилог на Русија, при што Москва изгледа како да се обидува да ги постави новите правила на своја територија, предлагајќи преговори откако Киев и неколку европски земји повикаа на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот од понеделник – повик на кој Русија не одговори.

– Руските портпароли повеќепати изјавија дека едноставен прекин на огнот би и дал воена предност на Украина, овозможувајќи ѝ да ја искористи паузата за да изгради утврдувања, безбедно да произведува и да увезува оружје и да спроведе мобилизација – рече вишиот соработник во Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, Александар Баунов.

Со тоа што Русија предлага преговори без прекин на борбените дејствија, Баунов вели дека „руската армија ќе продолжи со офанзивата на фронтот и ќе ги бомбардира украинските задни позиции, засилувајќи го дипломатскиот притисок со воена сила“.

Кремљ сака да го спречи Трамп во намерата да се повлече од преговорите?

Истовремено, ваквиот потег може да има за цел да ги смири и домашните хардлајнери и меѓународните скептици.

– Избраниот формат на контрапонудата овозможува да се спречи или да се одложи бесното повлекување на Трамп од разговорите, што тој го најави ако едната или двете страни бидат неконструктивни… Тоа ги смирува и домашната средина, војската, странските набљудувачи и, конечно, про-воениот сегмент од руската јавност – истакна Баунов.

Нагласувањето дека Русија само ги обновува прекинатите истанбулски разговори, додаде тој, е најсоодветно за балансирање меѓу компромисот и желбата за борба, меѓу легитимитетот и моќта.

Путин само купува време?

Основачката и директорка на аналитичкиот проект „Р. Политик“, Татјана Становаја, вели дека договорот за директни преговори не треба да се протолкува како промена на руската стратегија или како знак дека Путин навистина сака договор со Зеленски.

„Неговата цел е да ги забави западните испораки на оружје, да искористи какво било ослабување на позицијата на Зеленски и да ја влоши внатрешната нестабилност на Украина. Тој, исто така, сака Киев да ја укине забраната за преговори со Русија, што би овозможило поширок достап до украинското општество. Тој не верува, ни за миг, дека Киев во сегашната состојба може да прифати руски услови“, напиша Становаја на социјалната платформа Икс.

Путин сака да зборува со Трамп, а не со Зеленски

Поранешниот руски дипломат Борис Бондарев, кој поднесе оставка од руската мисија во ОН во Женева во знак на протест против инвазијата, смета дека Путин е фокусиран на Трамп, а не на Зеленски.

„Важно е да се разбере дека на Путин не му се потребни преговори со Зеленски. Оваа војна не е пред сè против Украина, туку против САД преку Украина – битка против глобалната доминација на САД. Затоа Путин нема интерес за преговори со Зеленски, тој всушност сака разговор со Трамп“, рече Бондарев на својата објава на Икс.

Но, не било каков разговор, додаде Бондарев, туку таков каде Трамп се согласува на нов светски поредок, каде што сферата на влијание на Путин е слична по големина со некогашниот Варшавски пакт. Бондарев аалудира на одбранбениот сојуз што го основал Советскиот Сојуз со уште 7 држави за да се спротивстави на НАТО.

„Затоа ‘преговорите со Украина’ се само средство за да се замагли пресудата на Вашингтон и да се одржи илузијата дека Путин сака мир“, посочи Бондарев.

Средба со Зеленски би била катастрофална за Путин

Некои руски про-воени личности – кои честопати се најгласни скептици за какви било преговори – исто така изразија сомнеж за предложените мировни разговори.

Затворениот националист Игор Гиркин, клучен командант на проруските сепаратисти во источна Украина во 2014 година, рече дека „секоја средба со Зеленски би била катастрофална – и лично за Путин и за преговарачката позиција на Руската Федерација“.

– Зеленски направи многу паметен потег, ставајќи ја Москва во исклучително неповолна позиција. Путин самиот, како и луѓето околу него, повеќепати изјавиле дека Зеленски е нелегитимен и инсистирале дека во Киев нема со кого да се преговара. Сега да се повлече тоа би било исклучително тешко – рече Гиркин.

Сепак, одбивањето на средбата, додава тој, исто така не би ја подобрило ситуацијата за Руската Федерација бидејќи глобалните медиуми тоа би го протолкувале како доказ дека Русија самата предложила преговори, а потоа ги саботирала.

– Тоа би довело до сите очекувани последици, вклучително и до построги санкции, зголемена поддршка за Украина и до засилени напори за спротивставување на Русија – заклучи тој.

Картите се на маса, но секој чува понекој ас во ракав

Преговорите меѓу Русија и Украина, закажани за 15 мај во Истанбул, се најавуваат како први директни разговори меѓу двете страни од 2022 година. Но, сепак, Кремљ ќе биде претставуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и од советникот за надворешна политика Јуриј Ушаков, додека од американска страна се очекува присуството на државниот секретар Марко Рубио и на двајца специјални пратеници.

Текот на преговорите е заострен поради неизвесноста околу личното присуство на претседателот Владимир Путин, што украинскиот лидер Володимир Зеленски го смета за клучно. Тој предупреди дека без директна средба со Путин, иницијативата ќе изгледа како „целосен пораз за Кремљ“, а долготрајната војна целосно ќе ја уништи довербата меѓу двете нации.

Русија досега не потврди дали Путин ќе се појави лично, но Кремљ најави дека нивната делегација ќе биде во Истанбул и очекува Украина да присуствува.

ПУТИН НЕМА ЛИЧНО ДА ПРЕГОВАРА СО ЗЕЛЕНСКИ? Лавров и Ушаков ќе ја претставуваат Русија на преговорите во Турција

Поврзани содржини